Претседателот на Демократската унија за интеграција, Али Ахмети, денеска, во седиштето на партијата во Тетово, имаше средба со амбасадорката на САД, Никол Варнс.
По средбата, Ахмети кажа дека со амбасадорката разговарале за актуелните политички случувања, како и за Охридскиот рамковен договор.
„Ја изразив мојата благодарност до г-ѓа Варнс за нејзиниот посветен и конструктивен ангажман, како и за придонесот во зајакнувањето на партнерството меѓу Соединетите Американски Држави и Република Северна Македонија. Во отворена и конструктивна атмосфера разменивме мислења за актуелните политички случувања во земјата и за значењето на зајакнувањето на демократските институции. Ја изразив мојата длабока благодарност за незаменливата улога на Соединетите Американски Држави како стратешки партнер на Република Северна Македонија и како клучен придонесувач за мирот, безбедноста и стабилноста во регионот. Американската поддршка беше одлучувачка за постигнувањето на Охридскиот рамковен договор и останува суштинска за зачувување на неговиот дух, унапредување на еднаквоста и зајакнување на општествената кохезија“, објави Ахмети по средбата.
Тој, исто така, вели дека на средбата било реафирмирано цврстото определување кон стратешкото партнерство со Соединетите Американски Држави, целосната имплементација на Охридскиот рамковен договор и непоколебливата европска ориентација на државата.
„Континуираниот дијалог со нашите меѓународни партнери останува од суштинско значење за изградба на демократска, стабилна и инклузивна Република Северна Македонија, во која сите граѓани уживаат еднакви права и еднакви можности“, напиша Ахмети на „Фејсбук“.
The post Ахмети: Поддршката на САД останува суштинска за зачувување на Охридскиот рамковен договор appeared first on Во Центар.



