Врели денови и опасност по здравјето: ИЈЗ со апел до повозрасните лица

Повозрасните граѓани се меѓу најризичните категории кога станува збор за високите температури и топлотните бранови, предупредува Институтот за јавно здравје. Лицата над 65 години потешко се приспособуваат на големите горештини, а ризикот е дополнително зголемен кај оние кои имаат хронични заболувања или користат редовна терапија.

Институт за јавно здравје

Од ИЈЗ посочуваат дека одредени лекови можат да влијаат врз начинот на кој организмот реагира на топлината, поради што во периоди на екстремно високи температури е потребна дополнителна претпазливост.
Како дел од мерките за заштита, се препорачува лицата над 65 години да избегнуваат директно изложување на сонце, особено меѓу 11 и 17 часот, како и физичка активност и подолг престој на отворено во најтоплиот дел од денот.
Потребно е да носат лесна, широка и светла облека, капа или шапка со широк обод и очила за сонце. При престој на сонце се препорачува и употреба на крема со заштитен фактор SPF 30 или повисок.
Посебно внимание треба да се посвети на внесот на течности. Од ИЈЗ советуваат вода да се пие редовно, без да се чека појавата на жед. Во текот на топлите денови треба да се избегнуваат алкохолни пијалаци и да се ограничи внесот на пијалаци со кофеин. Лицата на кои лекар им препорачал ограничен внес на течности треба да се консултираат со него за соодветната количина во услови на високи температури.
Одржувањето на пријатна температура во домот е исто така важно. Се препорачува користење ролетни, завеси и други средства за заштита од директна сончева светлина, а просториите да се проветруваат во периодите кога надвор е посвежо. Доколку се користи клима-уред, треба да се избегнува прекумерно разладување и нагли температурни разлики.
ИЈЗ советува во периодот од 13 до 17 часот да се избегнува користење шпорет, рерна и други апарати кои дополнително го загреваат просторот.
Во услови на големи горештини, важно е и редовно разладување на телото. Тоа може да се постигне со туширање со млака или посвежа вода, користење влажни крпи и престој во најладниот дел од домот или во климатизирана просторија, доколку има можност за тоа.
Лицата со хронични заболувања треба особено внимателно да ги следат препораките и редовно да ја земаат пропишаната терапија. Од ИЈЗ нагласуваат дека терапијата не треба да се менува или прекинува без претходна консултација со лекар.
При каква било промена или влошување на здравствената состојба, потребно е навремено да се контактира матичниот лекар.
Институтот препорачува повозрасните лица да одржуваат редовен контакт со семејството, пријателите и соседите. Ова е особено важно за оние кои живеат сами, бидејќи навремената комуникација може да помогне полесно да се забележат евентуални промени во здравствената состојба и навреме да се обезбеди помош.

The post Врели денови и опасност по здравјето: ИЈЗ со апел до повозрасните лица appeared first on Provereno.

Пронајдете не на следниве мрежи: