Латвиските власти открија тунел што го користеле мигрантите за нелегално преминување на границата од Белорусија, пишува Политико.
Во понеделник, граничната полиција откри 15 лица кои поминале низ тунел долг 10 метри во близина на граничната ограда меѓу Белорусија и Латвија, изјави летонскиот министер за внатрешни работи Јанис Домбрава.
Според балтичките медиуми, тунели се пронајдени во Литванија и претходно, но ова е прв пат еден од нив да се користи за премин во Латвија.
„Ова е прв случај во кој тунелот беше користен за нелегално преминување на државната граница во Латвија. Претходно, на оваа локација немаше знаци на прекршување на границите, ниту пак имаше апсења на лица кои нелегално ја преминуваа државната граница“, напиша Домбрава на социјалната мрежа X.
Властите ги вратија сите 15 лица во нивната земја на потекло и продолжуваат да ја проверуваат областа околу тунелот.
Латвија во вторник започна операција за зајакнување на граничната безбедност. Домбрава ги опиша нелегалните гранични преминувања од Белорусија како хибридна закана.
Латвиските државни гранични служби објавија дека од почетокот на оваа година спречиле повеќе од 9.000 обиди за нелегално преминување на границата од Белорусија.
Пронајдете не на следниве мрежи:



