Од утре пензиите ќе бидат зголемени, но сè уште не се знае за колку

Од 1 септември, во согласност со Законот за пензиско и инвалидско осигурување, пензиите треба да се зголемат во зависност од инфлацијата и од растот на просечната нето-плата во првото полугодие од годинава во однос на претходното полугодие. Овие пензии вака зголемени треба да им се исплатат на пензионерите на 1 октомври. Но, сè уште официјално не е објавено за колку се зголемуваат пензиите.

Министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски во телевизиско интервју пред неколку денови изјави дека износот на порастот на пензиите ќе се знае на почетокот на септември, а „според сите параметри и сознанија, ќе биде 3 до 3,5 проценти“.

Државниот завод за статистика веќе ги објави податоците за првото полугодие како за растот на платите, така и за инфлацијата. Истовремено, објави податоци и за соодносот со првото полугодие од претходната година.

Професорката Јадранка Мршиќ, експерт за пензиски системи, во изјава за „Слободен печат“ вели дека во објавувањето на податоците од Државниот завод за статистика, недостига транспарентност.

– Во периодот пред редовното усогласување на пензиите, јавноста со недели е изложена на различни процени, најави и очекувања за тоа колкав ќе биде процентот на усогласување. Таквата практика создава впечаток дека процентот допрва се определува или дека е предмет на политичка одлука. Но, усогласувањето не е подарок, социјална помош или политичко зголемување. Тоа е законски определен механизам со кој веќе утврдената пензија се приспособува кон економските движења. Во систем на автоматско законско усогласување, транспарентноста бара статистичките податоци што ја активираат формулата да бидат навремено и официјално објавени, а конечниот процент да биде пресметан и објавен без политичко нагаѓање или дискреција. Автоматизмот на законското усогласување мора да биде проследен со транспарентност во неговата примена – вели Мршиќ.

Во Законот за пензиско и инвалидско осигурување во член 37 е регулиран процесот на усогласување на пензиите. Таму е наведено дека „усогласувањето на старосната пензија се врши според движењето на индексот на трошоците на животот во висина од 50 проценти и порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Северна Македонија во висина од 50 проценти“.

Исто така е прецизирано и дека „пензијата од ставот (1) на овој член, се усогласува на 1 март и на 1 септември секоја година според процентот што се добива како збир на порастот на индексот на трошоците на живот во претходното полугодие и процентот на порастот на просечно исплатената плата на сите вработени во Република Северна Македонија во претходното полугодие во однос на полугодието што му претходи“.

Во Законот е предвидено и дека поради примена на членот, пензијата остварена во тековната година претходно се сведува во месечен износ според порастот на нето-платите од декември претходната година во однос на просечната нето-плата истата година.

Пронајдете не на следниве мрежи: