Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Анкара останува подготвена да направи сè што е во нејзина моќ за да помогне во постигнувањето траен мир во војната меѓу Русија и Украина.
Ердоган се сретна со украинскиот претседател Володимир Зеленски во Турскиот дом, или „Туркеви“, во рамките на 81. сесија на Генералното собрание на Обединетите нации, пренесе Анадолската агенција.
Двајцата лидери разговараа за билатералните односи, војната меѓу Русија и Украина и регионалните случувања, соопшти Дирекцијата за комуникации на турското претседателство.
„За време на средбата претседателот Ердоган истакна дека Турција секогаш е подготвена да направи сè што е во нејзина моќ за да се осигури дека војната меѓу Украина и Русија ќе заврши со траен мир, како и дека ќе продолжат напорите за обновување на директните преговори“, се наведува во соопштението.
Турскиот претседател ја нагласи и потребата од преземање чекори за гарантирање на безбедноста на пловидбата во Црното Море, истакнувајќи дека нема оправдување за нападите врз трговски бродови.
Ердоган му порача на Зеленски дека се неопходни мерки за безбедноста на пловидбата во Црното Море, дека нападите врз трговски бродови се „неоправдани“ и дека Турција очекува одговорно однесување од страна на учесниците во конфликтот, се наведува во соопштението.
Тој истакна дека Анкара ќе продолжи со напорите за зајакнување на односите со Украина, нагласувајќи дека поблиската соработка во области како енергетиката, рударството и одбранбената индустрија би била од корист за двете земји.



