Експлодираа протестите во Франција: Повредени 40 директори на училишта и 170 ученици

Повеќе стотици средни училишта низ Франција и натаму се блокирани, додека ученичкиот протест, кој започна со барања за подобри услови за образование, прерасна во насилни инциденти, пожари, уништување имот и судири со полицијата.

Според податоците на француското Министерство за образование, во моментов се блокирани 564 училишта.

Протестите започнаа на 17 септември поради проблемите со кои учениците секојдневно се соочуваат – недостиг на наставници и нивни замени, преголем број ученици во паралелките, лошата состојба на училишните објекти и мензите, како и преоптоварените распореди.

Во текот на последната недела движењето се прошири низ целата земја и стана едно од најголемите средношколски протести во Франција во последните неколку децении.

Истовремено, ситуацијата во повеќе градови прерасна во насилство. Според официјалните податоци, од почетокот на протестите се повредени најмалку 65 вработени во образованието, меѓу кои 40 директори на училишта, како и 170 ученици.

Најтешките инциденти се регистрирани во повеќе делови од земјата. Биле палени барикади, контејнери и влезови на училишта, а некои објекти претрпеле сериозна материјална штета.

Во Нант во пожар бил уништен влезниот хол на средното училиште „Нелсон Мандела“, а пожари избиле и во близина на повеќе училишта во Париз и околината.

Само во Париз и поширокото подрачје околу главниот град, насилство, судири или уништување имот биле регистрирани во 55 средни училишта, додека речиси 50 порти и влезни простори биле целосно или делумно оштетени.

За размерите на немирите говори и бројот на приведени. Францускиот министер за внатрешни работи Лоран Нунез соопшти дека во петокот биле приведени 1.747 лица, по 1.954 приведувања претходниот ден.

Од почетокот на неделата бројот на приведени надминал 5.000.

Повредени се и припадници на полицијата. Француското Министерство за внатрешни работи соопшти дека во еден ден биле повредени 305 полицајци.

Во исто време, регистрирани се и случаи на сериозно повредени малолетни демонстранти, вклучително и повреди на очите, а околностите за дел од случаите се предмет на истраги.

Владата тврди дека природата на протестите се променила и дека во насилните инциденти учествуваат и лица кои не се ученици во училиштата пред кои се собираат демонстрантите.

Од друга страна, синдикатите и дел од учесниците на протестите го критикуваат постапувањето на полицијата и предупредуваат на случаи во кои биле повредени малолетници.

По состанокот со претставници на учениците, синдикатите и родителите, францускиот министер за образование Едуар Жефре најави мерки со кои би требало да се забрза замената на отсутните наставници, како и разговори за бројот на ученици во паралелките, состојбата на училишните објекти и организацијата на наставата.

Претставниците на учениците, сепак, оценија дека не добиле доволно конкретни одговори и повикаа на продолжување на протестите.

Пронајдете не на следниве мрежи: