Просечната цена на дизелот на бензинските пумпи во Велика Британија денес достигна рекордни две фунти за литар, или 2,35 евра, што го зголемува притисокот врз возачите и малите бизниси поради зголемувањето на цените на нафтата предизвикано од војната со Иран.
Според податоците од британската автомобилска асоцијација RAC, просечната цена на дизелот е зголемена за 40,5 проценти во споредба со крајот на февруари, пред почетокот на војната на Блискиот Исток, објавува „Гардијан“.
Цената за полнење на резервоарот на просечен семеен автомобил со дизел во Велика Британија сега е околу 110 фунти, или 129,36 евра, што е речиси 32 фунти, или 37,63 евра повеќе отколку пред почетокот на војната.
Просечната цена на бензинот во Велика Британија се зголеми за 31,5 проценти од 28 февруари, а резервоарот бензин сега чини околу 96 фунти, односно 113 евра.
Американската администрација неодамна побара од Германија и Франција да ги ослободат своите залихи на дизел за да го ублажат порастот на глобалните цени на енергијата, предупредувајќи дека во спротивно САД би можеле да воведат забрана за извоз на горивото.
Во четврток, Велика Британија започна разговори со европските сојузници за евентуално ослободување на резерви за итни случаи.
Европскиот комесар за енергетика, Ден Јоргенсен, изјави дека Европа го дискутира ова прашање со сите членки на Меѓународната агенција за енергетика, а не само со Вашингтон.
Велика Британија се потпира на САД за околу 30 проценти од увозот на дизел, додека најголемиот дел од снабдувањето доаѓа од континентална Европа. Земјата има доволно резерви за околу 42 дена.
The post Рекордна цена на дизел: Резервоарот е 37 евра поскап отколку пред војната во Иран appeared first on Во Центар.



