Зголемената финансиска поддршка од Владата за општините создава услови за реализација на повеќе инфраструктурни проекти и подобрување на услугите за граѓаните, истакнал градоначалникот на Скопје и претседател на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.
Тој денеска остварил средба со делегација на Конгресот на локални и регионални власти на Советот на Европа, на која се разговарало за напредокот на локалната самоуправа, јакнењето на капацитетите на општините и подобрувањето на јавните услуги.
Ѓорѓиевски ја нагласил и подобрената соработка со министерствата, како и новиот Меморандум меѓу Владата и ЗЕЛС, оценувајќи дека тие механизми создаваат основа за понатамошна децентрализација и финансиско зајакнување на општините.
Според него, резултатите од соработката меѓу централната и локалната власт треба да се гледаат преку конкретни придобивки за граѓаните – подобра инфраструктура, поквалитетни јавни услуги и поефикасна општинска администрација.
На средбата присуствувале и коизвестувачите на Конгресот, Андерс Кнапе од Шведска и Матијас Гисин од Швајцарија, како и претставници и експерти од Секретаријатот на Конгресот.
Од Град Скопје соопштија дека делегацијата на Советот на Европа го препознала ЗЕЛС како силна и обединета организација која ги застапува интересите на локалните власти.



