Првите 12 километри од автопатот Прилеп – Битола ќе бидат пуштени во 2027 година

Првите 12 километри од автопатот Прилеп – Битола, кој во целост ќе биде долг околу 40 километри, треба да бидат пуштени во употреба во 2027 година, најави вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски.

Во поткастот „Каде се парите?“ тој изјави дека изградбата се одвива со добра динамика и дека на трасата се применува нов начин на изградба.

Наместо класична земјена подлога, се поставува подлога од дробен камен, која, според Николоски, треба да придонесе за поголема стабилност при возењето.

„Прв пат во Македонија се работи автопат без земјена подлога, односно се поставува подлога од дробен камен, што значително ќе ја зголеми стабилноста на возењето. Истото ќе биде и на Кичево – Букојчани и на Скопје – Блаце“, рече Николоски.

Тој најави дека првите 12 километри од автопатот Прилеп – Битола ќе бидат ставени во функција следната година, додека работите на останатиот дел ќе продолжат.

„Првите 12 километри од вкупно 40 на автопатот Прилеп – Битола ќе бидат ставени во функција следната година“, изјави Николоски.

Останува да се реши и поврзувањето од Фариш кон Прилеп. Според Николоски, станува збор за околу 25 километри за кои сè уште се разгледува дали да бидат изградени како автопат или како експресен пат.

„Во моментот разговараме да изнајдеме решение дали да се градат како автопат или експресен пат“, рече тој.

Автопатот Прилеп – Битола е дел од поширокото инфраструктурно поврзување на Пелагонија, а крајниот рок за целосно завршување на делницата претходно беше најавен за 2029 година.

Пронајдете не на следниве мрежи: