Марк Маркес против новиот Мото ГП формат: „И сега е доволно напорно“

Мото ГП од 2027 година воведува нов формат на тркачките викенди, со посебни квалификации за спринт-трката и за главната трка. Промените веќе предизвикаа поделени реакции меѓу возачите.

Петочната програма ќе започнува со 45-минутен прв тренинг, по што ќе следува 30-минутен втор тренинг и нова 15-минутна квалификациска сесија за спринтот.

Во сабота ќе се вози трет тренинг, а потоа квалификациите за главната трка и спринт-трката. Неделната главна трка ќе има посебен стартен поредок утврден преку квалификациите од сабота.

Марк Маркес е меѓу возачите кои јавно изразија незадоволство од промените, оценувајќи дека распоредот и сега е доволно напорен.

„Би било интересно да се разбере која е главната цел зад оваа промена. Сегашниот формат веќе е доволно напорен, но ние не одлучуваме и ќе мора да се приспособиме“, изјави Маркес.

Тој посочи и дека возачите немаат големо влијание врз ваквите одлуки, потсетувајќи дека слична ситуација имало и кога биле воведени спринт-трките.

Критики упати и Педро Акоста, кој предупреди дека поголемиот број ризични сесии може дополнително да го зголеми бројот на повреди и да влијае врз должината на кариерите на возачите.

„Веќе имаме доволно сесии во кои преземаме големи ризици. Кариерите на возачите стануваат сè пократки“, предупреди Акоста.

Алекс Маркес, пак, оцени дека возачите практично не учествувале во носењето на одлуката и дека новиот формат дополнително ќе го зголеми притисокот во текот на викендите.

Од друга страна, дел од возачите, меѓу кои Франческо Бањаја и Лука Марини, го поддржаа новиот формат, оценувајќи дека одвоените квалификации за спринтот и главната трка можат да придонесат за поголема неизвесност и подобро шоу за публиката.

Пронајдете не на следниве мрежи: