Мицкоски со честитка за 11 Октомври: „Слободата е дело што секоја генерација мора да го продолжи“

Премиерот Христијан Мицкоски упати честитка по повод 11 Октомври – Денот на народното востание, потсетувајќи на храброста и пожртвуваноста на предците кои се бореле за слободата на Македонија.

Во објавата, Мицкоски истакнува дека борците од пред 85 години немале гаранција за победа ниту сигурност дека ќе се вратат во своите домови, но верувале дека слободата вреди повеќе од сопствениот живот.

„Пред осумдесет и пет години, во една од најтешките ноќи на нашата историја, имало луѓе кои не знаеле дали ќе го дочекаат утрото. Но, знаеле дека татковината мора да дочека подобро утро“, наведува премиерот.

Тој посочува дека предците го направиле она што во тоа време изгледало невозможно – ја отвориле вратата на слободата, а денешните генерации имаат должност таа слобода да ја зачуваат и да создаваат подобри услови за иднината.

„Нашата должност е таа врата никогаш да не се затвори и низ неа да поминат генерации кои ќе живеат подобро, послободно и подостоинствено“, порачува Мицкоски.

Во честитката, премиерот повикува 11 Октомври да не биде само ден на сеќавање, туку и поттик за нова одговорност кон слободата и иднината на државата.

„Затоа што слободата не е завршена приказна. Слободата е дело што секоја генерација мора да го продолжи“, истакнува тој.

Мицкоски ја завршува пораката со честитка по повод празникот: „Честит 11 Октомври! Да е вечна Македонија!“ објави Скопје1.мк

Пронајдете не на следниве мрежи: