Официјално започна изградбата на автопатската делница Кичево – Букојчани, долга 11,5 километри, која претставува важна алка во целосното автопатско поврзување на Скопје со Охрид и Струга. Рокот за изградба е четири години.
Инвестицијата е проценета на околу 139 милиони евра, а проектот се реализира со финансиска поддршка од Европската банка за обнова и развој и грант од Европската Унија од над 20 милиони евра.
Делницата се гради на сложен планински терен и ќе вклучува мостови, вијадукти, тунел и две клучки. По завршувањето на сите делници од Коридорот 8, според најавите, патувањето меѓу Скопје и Охрид ќе се скрати на околу час и половина.
Премиерот Христијан Мицкоски посочи дека инвестициите во патната, железничката и енергетската инфраструктура се дел од пошироката стратегија за подобро регионално поврзување на земјата преку паневропските коридори 8 и 10.



