Герасимовски: Законот нè обврзува да ја започнеме постапката за ДУП „Барутана“, но тоа не значи дека планот ќе биде донесен

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, на денешниот брифинг со новинарите појасни дека постапката за изработка на нов Детален урбанистички план за „Барутана“ е започната согласно законските обврски на Општината, откако претходниот план беше укинат од Уставниот суд во 2025 година.
Тој истакна дека во јавноста се создала непотребна фама околу нацрт-планот, без притоа да се направи разлика меѓу законската обврска за спроведување на постапката и конечната одлука за донесување на планот.
„Се крена голема фама во јавноста, а она што треба да го знаат граѓаните е дека ние имаме законска обврска да ја започнеме постапката за изработка на нов ДУП. Согласно член 23 став 2 од Законот за урбанистичко планирање, по укинувањето на претходниот план од Уставниот суд, Општината е должна да започне постапка за изработка и донесување нов план, со законски предвиден рок од 18 месеци. Но, тоа што сме ја започнале постапката и што нацрт-планот поминува низ законските процедури, воопшто не значи дека тој ќе биде донесен во предложената форма. Токму затоа постојат јавните анкети, стручните мислења и сите законски механизми преку кои се разгледуваат забелешките“, истакна Герасимовски.
Градоначалникот нагласи дека со предложениот нацрт-ДУП не се предвидува урбанизација на нови површини, туку уредување на простор кој веќе е опфатен со постојната планска документација.
„Ова не е нов градежен реон. За овој простор постои планска документација на ниво на детален план уште од 2002 година, а со Генералниот урбанистички план од 2012 година, локалитетот „Барутана“, во рамки на градската четврт Ј05, е утврден како дел од градежниот реон. ГУП-от ги поставува основните параметри, а Општината има обврска да ги почитува при изработката на деталните урбанистички планови“, објасни Герасимовски.
Тој посочи дека предложениот нацрт-план, во споредба со претходната планска документација, предвидува значително намалување на дозволениот обем на градење.
„Наместо досегашните 43.429 квадратни метри, со нацрт-планот се предвидуваат 29.459 квадратни метри за домување, што претставува намалување од 33 проценти. Максималната изграденост се ограничува на 40 проценти од парцелата, зелените површини се зголемуваат на 40 проценти, а се дозволува само едно подземно ниво. Тоа се значително порестриктивни услови од претходните“, рече Герасимовски.
Градоначалникот објасни дека во претходните детални урбанистички планови не постоело ограничување на бројот на подземни нивоа, што во одредени случаи овозможувало нивна злоупотреба.
„Имавме ситуации во кои подземните нивоа, наместо за паркирање и помошни простории, практично се користеа како дополнителни катови. Со новиот нацрт-план се предвидува само едно подземно ниво, а доколку тоа е отворено од повеќе страни, се пресметува како надземен кат. Целта е да се спречат ваквите практики и да се воспостават јасни правила“, истакна тој.
„Не можеме да дозволиме урбанизмот да се сведе на непланско и хаотично градење. Особено кога станува збор за Водно, мора да бидеме внимателни и да ги земеме предвид сите аспекти, од безбедноста на теренот до заштитата на животната средина. Нашата цел не е по секоја цена да донесеме план, туку да најдеме законски издржано и безбедно решение“, посочи градоначалникот.
Тој информираше дека Комисијата за урбанизам на Град Скопје дала позитивно мислење за усогласеноста на нацрт-планот со Генералниот урбанистички план, а во постапката се вклучени и другите надлежни институции и комунални претпријатија.
Воедно, Герасимовски посочи дека по забелешките добиени во првата јавна анкета ќе се организира и втора јавна анкета, по што планот повторно ќе биде доставен на разгледување до надлежните институции, меѓу кои Град Скопје и Министерството за транспорт.
„Сакам граѓаните да бидат спокојни. Ништо не е однапред одлучено и ништо нема да се носи на сила. Постапката мора да се води согласно закон, но тоа не значи дека секој предложен план мора и да биде усвоен. Сите забелешки ќе бидат разгледани, а за Водно ќе се бара решение кое ќе биде законско, безбедно и во интерес на граѓаните“, порача Герасимовски.

Пронајдете не на следниве мрежи: