Според Европската конвенција имаме право да одбиеме екстрадиција, потсетува бугарското МВР по потерницата за Ива Михаилова

Бугарското Министерство за внатрешни работи потврди дека од македонските власти добило барање за меѓународна потрага, апсење и екстрадиција на Ива Михаилова, но соопшти дека досега не се преземени активности за утврдување на нејзината местоположба на територијата на Бугарија.
Според соопштението на бугарското МВР, барањето било доставено преку ИНТЕРПОЛ – Скопје на 13 октомври во 19:38 часот, до Дирекцијата за меѓународна оперативна соработка.
Во известувањето се наведува дека Михаилова, која има македонско и бугарско државјанство, е обвинета во судска постапка за кривично дело според член 300 од Кривичниот законик на Македонија, а Судот во Кочани на 13 октомври издал наредба за нејзино апсење.
Од бугарското МВР нагласуваат дека во моментов за Михаилова нема издадено црвена потерница на Интерпол и дека бугарските власти не презеле мерки за утврдување на нејзината местоположба во земјата.
Во соопштението се посочуваат и законските одредби што се однесуваат на екстрадиција на бугарски државјани.
Според член 25, став 4 од бугарскиот Устав, бугарски државјанин не може да биде предаден на друга држава заради кривично гонење, освен ако тоа е предвидено со меѓународен договор што е ратификуван, објавен и стапен во сила.
Бугарското МВР се повикува и на член 6 од Европската конвенција за екстрадиција, според кој секоја договорна страна има право да одбие екстрадиција на сопствени државјани.
Во соопштението нe e наведено дека бугарските власти донеле формална одлука за одбивање на екстрадицијата.

Пронајдете не на следниве мрежи: