Неколку стотици новинари, медиумски работници и граѓани вечерва се собраа пред редакцијата на српскиот портал Nova.rs во Белград, во знак на поддршка на вработените кои се спротивставуваат на одлуките на новото раководство.
Повод за протестот е назначувањето на Марко Стјепановиќ за нов главен и одговорен уредник, како и барањето до вработените во рок пократок од 48 часа да одлучат дали ќе продолжат да работат под новото раководство или ќе ја напуштат компанијата со отпремнина.
Заменик-главниот уредник Ратко Фемиќ порача дека борбата на редакцијата не е за функции, туку за можноста слободно и независно да ги информира граѓаните, особено во пресрет на изборите.
„Господа, ја купивте компанијата. Не ја купивте нашата совест. Не го купивте нашето достоинство“, порача Фемиќ пред собраните граѓани.
Редакцијата се противи на назначувањето на Стјепановиќ, долгогодишен уредник во „Блиц“, оценувајќи дека промената непосредно пред изборите може да влијае врз уредувачката независност. Фемиќ праша зошто ваквата промена мора да се спроведе токму сега и зошто не може да почека до 26 октомври, односно по изборите.
Новото раководство на вработените кои не сакаат да продолжат со работа им понудило отпремнина и рок до 15 октомври во 19 часот да се изјаснат. Стјепановиќ, од друга страна, оцени дека понудата е фер и дека рокот за одлучување е коректен.
Новинарите на Nova.rs речиси едногласно одлучиле да останат на своите работни места и да не ја прифатат понудата за заминување. Поддршка на протестот дадоа и колеги од други медиуми, како и граѓани и јавни личности.
Извршната уредничка Бојана Анѓелиќ порача дека редакцијата нема да прифати ултиматуми и дека новинарите ќе продолжат да работат.



