Буџетскиот дефицит на САД се приближува до 2 трилиони долари

Буџетскиот дефицит на Соединетите Американски Држави достигна 1,99 трилиони долари во фискалната 2026 година, што е највисоко ниво во последните пет години и ги доведува во прашање ветувањата на американскиот претседател Доналд Трамп за намалување на владините трошоци.

Според податоците објавени од Министерството за финансии на САД, дефицитот е зголемен за 217 милијарди долари во споредба со претходната година, кога достигна 1,78 трилиони долари. Ова е трета највисока бројка на годишен дефицит во историјата на земјата.

Во текот на фискалната година што заврши на 30 септември, федералните трошоци достигнаа рекордни 7,4 трилиони долари, што е за 6 проценти повеќе во однос на претходната година. Во меѓувреме, владините приходи се зголемија за 3 проценти, достигнувајќи 5,4 трилиони долари, пишува „Њујорктајмс“ .

Еден од главните фактори што придонесоа за растечкиот дефицит беше постојано растечкиот трошок за сервисирање на јавниот долг. Трошоците за камата на долгот достигнаа 1,36 трилиони долари, што е нов рекорд и зголемување од 12 проценти во однос на претходната година.

Пониските приходи од царински давачки, исто така, извршија дополнителен притисок врз буџетот. По пресудата на Врховниот суд на САД со која се укинати дел од царините наметнати од Трамп, владата беше принудена да врати околу 145 милијарди долари. Како резултат на тоа, нето приходите од царините се намалија за 11 проценти, на околу 173 милијарди долари.

Дефицитот изнесуваше околу 6,2 проценти од бруто-домашниот производ на САД, во споредба со 5,8 проценти во фискалната 2025 година. Во меѓувреме, националниот долг на САД веќе надмина 40 трилиони долари.

Бројките ги истакнуваат тешкотиите на администрацијата на Трамп во ограничувањето на растот на дефицитот, и покрај ветувањата за фискална дисциплина и намалување на трошоците. Зголемувањето на трошоците за задолжување и проширувањето на федералните трошоци продолжуваат да вршат притисок врз јавните финансии на САД.
The post Буџетскиот дефицит на САД се приближува до 2 трилиони долари appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: