На денешен ден, 20 октомври, во 1915 година е роден Антон Николов Попов, македонски писател, комунист, учесник во илегалниот отпор против фашистичкиот режим во Бугарија. Бил еден од основачите на Македонскиот литературен кружок.
Попов е правнук на Поп Стојан од Разловци, еден од водачите на Разловечкото востание во Пијанечко-малешевскиот крај. Поп Стојан бил соборец на дедо Иљо Малешевски и учесник во Кресненското востание, бил убиен од Турците. Истата судбина го снашла и дедо му Костадин Попстојанов, војвода на чета во Горноџумајското востание, заедно со неговите двајца браќа. Татко му, учителот Никола Попов, зема активно учество во револуционерните борби, и во 1922 г. бил обесен од четниците на ВМРО.
Антон Попов умира во Софија во 1942 година кога е убиен од страна на бугарските фашистички власти.
Во продолжение „Љубов“ од Антон Попов.
ЉУБОВ
Ти си ми тивка и нежна
Ти си ми малечко моме.
Зошто си в црно забрадена,
Зашто ли очите модри
в бисери ти се искапени?
Ти си ми тивка и маѓесна,
Ти си ми тажна царица,
Ти си ми златна и бисерна,
Ти си мојата љубов
Малечка моја татковино,
Пролет што не си видела
Ниту пак сонце и радост.
Ти си ми пролет разбудена
Со нежни цвеќа, со галаби,
Птица си бела, осудена
Простори да прелетува.



