Амбасадорката на САД, Никол Варнс во посета на Делчево

Општина Делчево денеска беше домаќин на амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Македонија, Никол Варнс. Предизвиците и приоритетите на Делчево, локалниот економски развој и унапредување на соработката на Делчево со САД беа теми на работната средба на градоначалникот Гоцевски со амбасадорката на САД во Македонија.

На средбата градоначалникот Гоцевски ги презентираше заложбите на Делчево, актуелните проекти, а беа разменети мислења за можностите за продлабочување на досегашната соработка, со посебен акцент на локалниот економски развој, подобрувањето на бизнис-климата и привлекувањето нови инвестиции во Делчево.

Градоначалникот ја истакна определбата на Општина Делчево да создава поволни услови за развој на локалната економија, да ги отвора вратите за нови партнерства со американски компании и инвеститори со посебен акцент на развојот на туризмот. Во таа насока, поддршката и поврзувањето со потенцијални инвеститори се препознаваат како можност за отворање нови работни места, развој на стопанството и подобрување на перспективите за граѓаните.

На средбата беше нагласено и значењето на долгогодишното пријателство меѓу граѓаните на Делчево и Соединетите Американски Држави, кое претставува добра основа за понатамошно унапредување на соработката и реализација на иницијативи од заеднички интерес.

Инаку, во чест на посетата, за амбасадорката беше приредена презентација на „Копачката“ – автентичното пијанечко оро впишано на Репрезентативната листа на нематеријално културно наследство на УНЕСКО, со што беше претставено едно од најзначајните културни обележја на Делчево и Пијанец. Посетата беше збогатена и со презентација на традиционалната пијанечка кујна, преку која беа претставени локалните вкусови и богатото гастрономско наследство на овој крај, а топло добредојде на амбасадорката ѝ посакаа и дечињата од детската градинка во Делчево.

Посетата на амбасадорката претставува можност за афирмација на Делчево како општина со богато културно наследство, гостопримливи граѓани и потенцијал за економски развој, отворена за нови партнерства и меѓународна соработка.

Пронајдете не на следниве мрежи: