Финансиската помош за пензионерите во Центар зголемена од 2.500 на 5.000 денари, ветувањето е исполнето, порача Герасимовски

Општина Центар објави јавен повик за еднократна финансиска помош за пензионерите во социјален ризик. Годинава помошта е удвоена, од досегашните 2.500 на 5.000 денари.
„Во предизборната програма ветив дека ќе ја удвоиме финансиската помош за пензионерите и тоа ветување го исполнуваме. Нашите повозрасни сограѓани заслужуваат внимание, грижа и конкретна поддршка. Знам колку им значи секој денар во домашниот буџет, затоа продолжуваме со мерки што им ги олеснуваат секојдневните трошоци“, рече градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Право на финансиска поддршка од 5.000 денари имаат примателите на старосна, семејна или инвалидска пензија, како и корисниците на право на социјална сигурност за стари лица, кои имаат постојано живеалиште во Општина Центар и чиј месечен износ на пензија, односно право на социјална сигурност, не надминува 28.050 денари.
За аплицирање е потребно да се достават пополнето барање, копија од лична карта и копија од трансакциска сметка. Пензионерите треба да приложат и доказ за примена пензија за јули или август 2026 година, односно пензиски чек или потврда од банката во која ја примаат пензијата. Корисниците на право на социјална сигурност за стари лица треба да достават потврда или решение од надлежниот Центар за социјална работа – ЦСР Центар.
Барањето може да се подигне во Архивата на Општина Центар, во барака 6, или да се преземе од општинската веб-страница. Документацијата се поднесува секој работен ден, од 08:30 до 13:00 часот, во барака 6 – Сала на Советот на Општина Центар, исклучиво во писмена форма. Барањата доставени по електронски пат или по пошта нема да се разгледуваат.
Повеќе информации на следниот линк
The post Финансиската помош за пензионерите во Центар зголемена од 2.500 на 5.000 денари, ветувањето е исполнето, порача Герасимовски appeared first on Во Центар.

Пронајдете не на следниве мрежи: