Министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски вели дека извештајот на Државната ревизија за безбедносните системи во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување е алармантен и дека работна група веќе работи со цел да се подготви план за заштита не само на податоците на осигурениците, туку и на системите.
– Таму постојат системи што се критично засегнати, па затоа треба да утврдиме и како треба да се развива Фондот за пензиското и инвалидското осигурување во иднина. Ова не е проект само на една институција, ниту само на Фондот. Ова е проект на целата држава и сите мораме плански да постапуваме. Државниот завод за ревизија веќе има дадено конкретни препораки до Фондот за пензиското и инвалидското осигурување за тоа како да ги надмине утврдените недостатоци, изјави денеска Андоновски пред почетокот на панел-дискусијата „Предуслови и предизвици за забрзана дигитализација на приватниот сектор“, што се одржа во просториите на ИНОФЕИТ ЕДИХ во Скопје.
Андоновски се надева дека во периодот што следува работната група формирана од Владата ќе ги преземе потребните чекори.



