Вчера, на маргините на 76-тата седница на Регионалниот комитет на Светската здравствена организација за Европа, министерот за здравство Сашо Клековски оствари повеќе билатерални средби, меѓу кои со министерот за здравство на Чешка, Адам Војтјех, разговараа за можностите за билатерална соработка и размена на искуства, извести Министерството за здравство.
Министерот Клековски се заблагодари за чешката поддршка во справувањето со трагедијата во Кочани, и ги претстави здравствените приоритети.
Министерот Клековски се сретна и со Евис Сала, поранешна министерка за здравство и социјална заштита на Албанија. На средбите министерот беше придружуван од амбасадорот на Македонија во Данска, Н.Е. Фадил Зендели.
Министерот се сретна со Флоренс Бауер, регионална директорка на Фондот на ОН за население (УНФПА) за Источна Европа и Централна Азија. Разговараа за соработката во областа на демографските предизвици со кои се соочуваат земјите од регионот.
Министерот оствари средби и со двајца од кандидатите за нов генерален директор на СЗО, д-р Ханс Клуге од Белгија, регионален директор на СЗО за Европа и д-р Ханан Ал-Кувари од Катар, поранешна министерка за јавно здравје на Катар.
Министерот Клековски ги истакна приоритетите на нашата земја и потребата од силна поддршка на СЗО за земјите од европскиот регион, соопшти Министерството за здравство.
The post Клековски на маргините на Регионалниот комитет на СЗО: средби со министерот за здравство на Чешка, УНФПА и кандидатите за генерален директор на СЗО appeared first on Во Центар.



