Студентската листа во Србија бара оставки во полицијата, БИА и во обвинителствата, како и повторно отворање на истрагите

Претставниците на Студентската листа „Студентите победуваат“ во Србија побараа оставки од раководните лица во полицијата, Безбедносно-информативната агенција (БИА), Воената безбедносна агенција (ВБА) и обвинителствата, како и повторно отворање на повеќе истраги од интерес на јавноста. Меѓу барањата се и проверка на финансиските текови кај големите државни проекти и оставка од претседателот на Уставниот суд, Владaн Петров.

На прес-конференција во Белград, претставниците на листата побараа оставки од директорот на полицијата Драган Васиљевиќ, директорот на БИА Владимир Орлиќ и директорот на ВБА Ѓуро Јованиќ. Побараа и смена на повеќе полициски функционери, како и враќање на работните места на службениците кои, според нив, биле неоправдано сменети или прераспределени, јавува Н1.

Од обвинителствата побараа непристрасно постапување во предметите што предизвикале голем интерес во јавноста, меѓу кои случаите поврзани со падот на натстрешницата во Нови Сад, Генералштабот и таканаречените „Скај“ преписки. Побараа и повторно активирање на истрагите за случаите „Крушик“, падот на хеликоптерот, убиството на Оливер Ивановиќ, уривањето во Савамала и други случаи.

Студентската листа побара проверка на финансиските текови и договорите поврзани со проектите „Експо“, „Белград на вода“, автопатот „Милош Велики“, проектот „Рио Тинто“, како и изградбата на стадиони и трошењето средства за време на пандемијата со ковид-19.

Дополнително, побараа надлежните органи да ги објават конечните резултати од изборите во законскиот рок и да се направи попис на состојбата во државните институции, јавните претпријатија и фондови, вклучително и на финансиите, договорите и јавните набавки.

„Не дојдовме да се одмаздуваме, туку да им ги вратиме институциите на граѓаните“, порачаа претставниците на листата, повикувајќи ги вработените во државните институции да пријават сомнителни дејствија и да спречат уништување документација.

Пронајдете не на следниве мрежи: