петок, 13 ноември 2026
Најново

Одржан координативен состанок во Тетово за превенција од малолетничка деликвенција

Претпочитан извор Додај го Пулс24 во твоите извори на Google Додај

Во просториите на Општина Тетово се одржа меѓуинституционален работен состанок посветен на превенцијата и справувањето со малолетничката деликвенција, поттикнат од последните случувања и инциденти во кои беа инволвирани малолетни навивачи на двата фудбалски клуба од Тетово.

На состанокот присуствуваа градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами со претставници на општината, раководството и претставници од Секторот за внатрешни работи Тетово, претставници од Советот за превенција од малолетничка деликвенција, Центарот за социјални работи Тетово, како и директорите на сите основни и средни училишта на територијата на општината.

ПУЛС24.МК - 14 ГОДИНИ

Во рамки на работната средба, свои обраќања имаа градоначалникот Касами и претставниците од сите надлежни институции, при што беа презентирани досегашните резултати, преземените мерки и тековните превентивни активности на терен.

Присутните едногласно го донесоа заклучокот дека безбедносната состојба во Тетово е стабилна и дека не станува збор за какви било меѓуетнички тензии, туку за изолирани меѓунавивачки конфликти – појава со која се соочуваат и други градови низ државата и регионот, но во Тетово повеќе се одразува поради мултиетничката средина. Во таа насока, институциите упатија заеднички апел до јавноста, медиумите и политичките чинители да се воздржат од ширење дезинформации, политичка злоупотреба на ваквите настани и вештачко подгревање на тензии кои реално не постојат на ова подрачје.

На состанокот беа договорени и следните конкретни чекори за претстојниот период како што се: континуирана размена на информации меѓу СВР Тетово, Центарот за социјални работи и образовните институции за рано детектирање на ризично однесување кај младите, организирање заеднички предавања и кампањи во основните и средните училишта на тема фер-плеј навивање, толеранција и законските последици од нарушување на јавниот ред и мир, одржување средби со советите на родители и управите на локалните спортски клубови со цел подигнување на свеста и заедничка одговорност за безбедноста на младите.

Министерството за внатрешни работи и СВР Тетово остануваат целосно посветени на зачувување на јавниот ред и мир и најавуваат дека и во наредниот период ќе продолжат со засилени превентивни, но и соодветни законски мерки против сите прекршители на законот, без оглед на нивната припадност.

Поврзани вести