Иранскиот министер за надворешни работи, Абас Арагчи, денеска изјави дека Техеран и натаму верува оти дипломатијата може да стави крај на војната со Соединетите Американски Држави.
Арагчи за државниот весник „Иран“ изјави дека Техеран бара „договор што ќе гарантира дека повеќе нема да има војна“ и дека бара гаранции оти Вашингтон е сериозен во врска со преговорите пред да преземе понатамошни чекори, пренесува Ројтерс.
Тој додаде дека Иран разговарал со посредниците за формата и природата на мерките за градење доверба.
Како „црвени линии“ на Иран, Арагчи го посочи задржувањето на збогатениот ураниум на територијата на земјата, но изрази уверување дека е можно да се постигне „праведно решение“.
Американскиот претседател Доналд Трамп во петокот изјави дека Иран сака договор, но не под услови што би биле прифатливи за него.
„Тие сакаат договор, но не сакаат договор каков што би бил прифатлив за мене“, рече Трамп на прес-конференција.
Во меѓувреме, претставници на Катар и Иран се сретнале во вторникот во рамките на разговорите чија цел е усогласување на ставовите и намалување на разликите меѓу предлозите изнесени на теренот, соопшти портпаролот на катарското Министерство за надворешни работи.






