Белата куќа побарала од Пентагон и од американски разузнавачки експерти да проценат како Иран би одговорил на секое од разгледуваните сценарија за нов американски напад. Според „Аксиос“, едно од главните прашања е дали постои воена опција со која би се избегнале силни ирански одмазднички напади врз нафтените и гасните постројки во земјите од Персискиот Залив.
Американскиот претседател Доналд Трамп сè уште ја разгледува можноста за заедничка операција со Израел, објави порталот, повикувајќи се на два извора запознаени со разговорите. Минатата недела Трамп оцени дека нова серија големи напади е малку веројатна, а во средата даде до знаење дека удар не се очекува во непосредна иднина.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, според „Аксиос“, го повикува Трамп што поскоро да ги обнови воените операции. Лидерите на земјите од Заливот, пак, го повикуваат Вашингтон да продолжи со економскиот притисок врз Техеран, стравувајќи дека нова офанзива би предизвикала напади врз нивната енергетска инфраструктура.
Загриженоста за американскиот персонал и објектите во регионот веќе се одрази и во безбедносните предупредувања. Американската амбасада во Кувајт повика на зголемена претпазливост поради заканата од вооружени напади на јеменските Хути, кои имаат поддршка од Иран, и поради, како што наведе, иранските обиди да се нападнат американски владини службеници и објекти. Предупредувањето следуваше по иранските напади во Кувајт и Бахреин.






