сабота, 21 ноември 2026
Најново

ЗНАМ ги промовира резултатите од двегодишното работење: 1.300 капитални проекти, повисоки плати и инвестиции во енергетиката

Претпочитан извор Додај го Пулс24 во твоите извори на Google Додај

Движењето ЗНАМ продолжува со средбите со граѓаните низ државата, на кои ги презентира резултатите од двегодишното работење на своите избрани и именувани функционери. На панел-дискусија во Пробиштип, под мотото „Две години работа. Две години резултати. Една љубов – Македонија“, претставници на партијата зборуваа за реализираните проекти, зголемувањето на платите, инвестициите во енергетиката и промените во пензискиот систем.
Потпретседателот на ЗНАМ и пратеник, Павле Арсоски, оцени дека изминатите две години покажале дека движењето ја оправдува довербата на граѓаните преку конкретни политики и мерливи резултати. Како потврда за напредокот, го посочи Извештајот на Европската комисија за 2026 година, во кој, според него, се нотира напредок во реформските области.
„Европскиот извештај е важна надворешна оценка за напредокот на државата. Онаму каде што ЗНАМ презеде одговорност, се преземаат конкретни чекори и се постигнува видлив напредок. Не бараме признание за она што го зборуваме, туку за она што го работиме. Нашата политика се темели на дела, а не на празни ветувања“, истакна Арсоски.
Тој ги посочи околу 1.300 капитални проекти во општините, како и зголемувањето на платите во повеќе сектори. Според неговите податоци, платите во образованието се зголемени за 20 проценти, а зголемување добиле и здравствените работници. Дополнително, со договорот со синдикатите е предвиден раст на платите на административните службеници до 40 проценти до март 2028 година.
„Кога зборуваме за 1.300 проекти, зборуваме за реални инвестиции во општините, за подобри улици, водоводи, училишта и инфраструктура. Кога зборуваме за растот на платите, зборуваме за вреднување на трудот и подобрување на животниот стандард на работниците“, рече Арсоски.
За резултатите во енергетскиот сектор говореше заменик-министерот за енергетика, рударство и минерални суровини, Мирослав Лабудовиќ. Тој ги посочи инвестициите во околу 200 мегавати нови фотоволтаични капацитети, финансирањето на втората фаза од ветерниот парк „Богданци“, рехабилитацијата на шест хидроелектрани и раскинувањето на повеќе од 50 концесии поради неисполнување на обврските.
Директорот на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, Никола Мемов, ги презентираше резултатите од двегодишното работење на институцијата. Тој посочи дека пензиите од септември 2024 до март 2026 година биле зголемени за вкупно 7.000 денари, а во септември 2026 година следувало и дополнително усогласување од три проценти.
Пратеничката и членка на Извршниот одбор на ЗНАМ, Даниела Белимова, ги истакна парламентарните иницијативи на движењето, меѓу кои обезбедувањето 55.000 вредносни ваучери за студентите и предложените измени на Законот за семејството.
Од ЗНАМ велат дека продолжуваат со средбите со граѓаните и со промовирање на политиките и резултатите на функционерите од нивните редови, нагласувајќи дека остануваат посветени на отчетноста, одговорноста и исполнувањето на преземените обврски.

Поврзани вести