Либерално-демократската партија (ЛДП) изразува сериозна загриженост за неизвесноста околу Колективниот договор за култура и последиците кои што евентуалното негово укинување или поништување би ги имало врз работничките права на вработените во културните институции.
„По 15 години синдикална борба, културните работници во 2020 година се изборија за Колективен договор кој ги унапреди нивните права и условите во кои работат. Денес, по шест години негова доследна примена, правата на културните работници не смеат да станат предмет на институционални и политички калкулации.
Уставниот суд има обврска да ја оценува уставноста и законитоста на актите, но неговото постапување мора да биде транспарентно, аргументирано и ослободено од какви било надворешни влијанија. Истовремено, Владата не смее да ја префрла одговорноста врз судските институции, туку мора да демонстрира одговорност и да покаже дека ги почитува обврските кон работниците“, соопшти ЛДП.
„Сметаме дека заштитата на достоинството на трудот, правото на соодветен надоместок и колективното договарање се темелни вредности на едно современо демократско и европско општество. Институциите да постапуваат одговорно и непристрасно, а Владата да отвори вистински социјален дијалог со синдикатите, наместо да нуди привремени решенија што не ги адресираат веќе стекнатите права“, вели Бобан Јанкоски, член на Извршниот одбор на ЛДП.
Културните работници не бараат привилегии, тие бараат почитување на правата за кои што со години се бореле и заслужено ги извојувале!, додаваат од ЛДП.




