вторник, 24 ноември 2026
Најново

Чекање со часови, возило без екипа, најголемиот предизвик е кадарот: Клековски најавува реформи во Брзата помош

Претпочитан извор Додај го Пулс24 во твоите извори на Google Додај

Формирање самостоен Центар за итна медицинска помош, сопствено раководство, сопствен буџет, сопствено планирање, наместо служба што се бори за ресурси внатре во поголема установа, kако пилот кој може да се прошири на другите градови, ова го најави министерот за здравство Сашо Клековски, кој преку објава на Фејсбук реагираше на бројните поплаки од граѓаните за функционирањето на Итната медицинска помош.
„Во коментарите под мојата објава за кривична одговорност за напад на здравствени работници најчестата тема не беше насилството. Беше Брзата помош.
Чекање со часови. Возило без екипа. Одбиен повик затоа што пациентот е постар. Одбиен повик затоа што пациентот е онколошки. Спуштена слушалка.
Ги прочитав сите. Не ги отфрлам. Еве што е во тек.
Издвојување на Итната од Здравствениот дом Скопје
Влада на Македонија ја усвои информацијата за формирање самостоен Центар за итна медицинска помош Скопје. Сопствено раководство, сопствен буџет, сопствено планирање — наместо служба што се бори за ресурси внатре во поголема установа. Како пилот кој може да се прошири на другите градови.
Национални стандарди за тријажа.
Ова е мерката за она што најмногу ве лути. Кој повик е итен не смее да зависи од тоа кој се јавил на телефон, туку од јасни и транспарентни стандарди, исти од Скопје до Гевгелија, од Дебар до Делчево. Без стандард, тријажата е произволна. Со стандард, одлуката е проверлива и некој одговара за неа.
Национален диспечерски центар.
Сите повици на едно место, сите тимови на ИМП на едно место. На повикот реагира најблискиот тим. И за да се знае, за секој повик: кога е примен, што е одлучено и зошто“, објави Клековски.

Во делот со проблемот со возила, истакнува дека се набавени 100 нови возила за Итната помош, со кои, како што појаснува ќе има функционални 200 возила во земјата.
„Уште 50 следуваат преку ИПА 3 програмата на Европската Унија“.
Најголемиот предизвик, според него е кадарот.
„Над 300 вработени во ИМП заминуваат во пензија до 2030 г. Во тек се разговори со Медицинскиот факултет за воведување на профилот парамедик — обучен да дава помош и нега за време на транспортот.
Се реконструира Ургентниот хируршки центар, а се оформува и Ургентниот интернистички центар во Клиничкиот центар Скопје.
Што сè уште не е решено.
Бројот на екипи по смена, посебно во Скопје. И прашањето што го отвори една од вас во коментарите — кој го крева пациентот кога дома нема кој да помогне. Тоа не е медицинско прашање, ама е вистинско прашање и нема да се претварам дека не постои.
Мерката за успех нема да биде ниту една објава, ниту едно соопштение. Ќе биде едно: колку чека човек од моментот кога ќе се јави на 194“, пишува Клековски.

Поврзани вести