Алексовска: За да најдат работа, младите можат да искористат неколку програми и проекти при АВРМ

Агенцијата за вработување на Република Македонија спроведува многубројни мерки за намалување на невработеноста во државата. За да дознаеме повеќе за состојбата на невработеноста разговаравме со Слободанка Алексовска, директорката на центарот за вработување на АВРМ во Скопје.Алексовска имаше многу да додаде на прашањата поврзани со начините, целните групи и законските можности за намалување на невработеноста.
Таа вели дека имаат очекување на нови инвестиции од страна на странски компании, како и проширување на капацитети на постоечките компании, што значи отворање на нови работни места и нови вработувања, со тенденција на постигнување на што е можно помал процент на невработеност.
Кои се целните групи на кои АВРМ и Центарот за вработување во Скопје сакаат да им ги отворат вратите за вработување?
Целните групи согласно Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност се јасно дефинирани, невработени лица и други лица кои бараат работа.
Целните групи со кои активно и секојдневно се работи, преку давање на низа услуги и вклучување во активни мерки и програми се невработените лица или лицата кои се регистрирани како активни баратели на работа, иако никогаш не се исклучува можноста за трансфер на оние кои се евидентирани како пасивни баратели или други лица кои бараат работа, во регистар на активни и да се продолжи тенденцијата на нивно активно вклучување на пазарот на трудот.
Во последно време во светот постои еден тренд на зголемување на невработеноста на младите луѓе. На кои начини и со кои ресурси се трудите да го ограничите овој тренд во Македонија?
Постојат низа услуги, кои се наменски креирани за млади лица до 29 години. Тоа се разните обуки, кои се спроведуваат во АВРМ, а чија цел е зајакнување на капацитетите на младите лица, за да станат поконкурентни на пазарот на труд (обуки за компјутери -основно и напредно ниво, странски јазици, напредни ИТ вештини, обуки за побарувани занимања на пазарот на труд за разни профили и сл.), како и мотивациски обуки, обуки за подготовка за вработување и работа, кариерно советување и насочување и професионална ориентација.
Многуте активни мерки исто така го поттикнуваат ангажирањето на младите на пазарот на труд, како на пример програмите -Практиканство, Обука кај познат работодавач, Обука на работно место со субвенционирано вработување, Финансиска поддршка на правните субјекти за вработување на лица, Кредитирање на правни субјекти, Програмата Македонија вработува и сл. каде младите лица до 29 г. се посебна категорија.
На тој начин преку разните олеснувања, ослободувања од придонеси и субвенции се поттикнуваат работодавачите да ангажираат млади лица во своите компании и да им овозможат стекнување на практични работни вештини, а понатаму и можно вработување. Секако се со цел да се намалува невработеноста.
Покрај тоа, постојат и програми како што се – Кредитирање на невработени млади лица до 29 г. и програма Самовработување, кои ги поттикнуваат младите за отворање на сопствен бизнис и овозможуваат сопствено вработување – самовработување.Сите споменати активности кои се спроведуваат во рамки на АВРМ се со цел да се намалува невработеноста во нашата држава.Програмата Самовработување се реализира од 2007 година. За период од 2007 -2015 година основани се вкупно 7.722 фирми и реализирани се 190 дополнителни вработувања, значи остварени се вкупно 7.912 вработувања на ниво на Република Македонија. Исто така во овој временски период реализирани се 9.659 обуки за претприемништво и водење на бизнис како дел од програмата и изработени се 6.948 професионални бизнис планови од страна на експерти.
Во текот на 2014 година во Проектот за самовработување со кредитирање се направија измени со цел овозможување на подобри услови за младите лица до 29 години. Цел на проектот е на заинтересираните невработени млади лица до 29 години кои сакаат да започнат сопствен бизнис или да го легализираат својот неформален бизнис, да им се овозможи поволен кредит со што ќе се отворат нови работни места со цел самовработување.
За кредитобарателот се доделуваат по 7.000 евра (во денарска противвредност), а за секое новоотворено работно место по 4.000 евра, при што се финансираат проекти со најмногу 5 работни места односно до 23.000 евра (во денарска противвредност). Рок на враќање на средствата е 7 години односно период на отплата 66 месеци (5,5 години) и грејс период од 18 месеци (1,5 години).
Во периодот 2008-2016 година вработени се вкупно 4.449 лица (529 се млади до 29 год.) и 1.320 регистрирани индивидуални земјоделци и вршители на земјоделска дејност.
Како ги мотивирате компаниите кои нудат работа на нашиот пазар?
Преку низата организирани средби, форуми и работилници на терен, компаниите се информираат за можностите кои ги нуди АВРМ. Исто така, континуирано се посетуваат фирмите и се согледуваат нивните потреби, а преку нивно учество во активни мерки и програми на АВРМ, истите се стимулираат и мотивираат да вработуваат лица од евиденција на невработени, за што добиваат различни бенефити – субвенции, право на ослободување од плаќање на задолжителни социјални придонеси, неповратни средства во вид на грантови или кредити со поволна каматна стапка и одлични услови.
Веќе неколку години во Македонија се прилично популарни старт-ап компаниите. Дали постои механизам со кој го поттикнувате нивното работење?
Да, постои – преку програмата за Самовработување со неповратни средства (грантови) и повратни средства (кредити), преку дополнителни вработувања, за кои се користат дополнителни финансиски средства и преку Програмата Македонија вработува со ослободуваање на плаќање од задолжителни социјални придонеси.
Овие програми како механизми за поддршка претставуваат поттик за вработување на сите невработени лица, вклучувајќи ја и категоријата на невработени лица со попреченост, за кои се користат грантови во повисок износ.
Во прилог информација за реализирани вработувања според програма Македонија 1 и 2 и Закон за млади до 29 г. преку ослободување од придонеси од задолжително социјално осигурување:
-Во периодот од една година, односно во периодот на времетраење на законските одредби, поволностите за вработување со мерките од проектот Македонија вработува 1 ги искористија 10.140 работодавачи, каде се реализираа 18.909 вработувања на ниво на РМ.
-Во периодот од 28.06.2016 до 25.10.2016 година, поволностите за вработување со мерките од проектот Македонија вработува 2 ги искористиле 1.705 работодавачи, каде се реализирани 2.215 вработувања.
Која е целта која сакате да ја постигнете со Вашето работење?
Очекување на нови инвестиции од страна на странски компании, како и проширување на капацитетите на постоечките компании, што значи отварање на нови работни места и нови вработувања, со тенденција на постигнување на што е можно помал процент на невработеност.
Слободанка Алексовска за ЕмагазинАлексовска имаше многу да додаде на прашањата поврзани со начините, целните групи и законските можности за намалување на невработеноста.
Та

Пронајдете не на следниве мрежи: