Ѓорѓија Џорџ Атанасоски во изминатиот период го подигна интензитетот на своите активности во татковината. Иако води исклучително успешен бизнис во САД, тој е активен и на многу полиња од општественото живеење и политиката во Македонија. Како што најави, на 7-ми октомври, свечено ја отвори Фондацијата „Ѓорѓија Џорџ Атанасоски“, чиј извршен директор е неговиот најмал син Николас Атанасоски, кој иако е роден во Флорида-САД, веќе подолг период живее и работи во Прилеп.Семејството Атанасоски, на полето на инвестициите во татковината, најавува нови проекти. Се разбира Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, како претседател на политичката партија Македонска Алијанса е присутен и со своите политички активности, но и коментари на сите актуелности во татковината.
Г-не Атанасоски, кои се Вашите идни планови, проекти, приоритетни активности? Што може јавноста од очекува од Вашата Фондација „Ѓорѓија Џорџ Атанасоски“ и инвестициските зафати во Македонија?
На крајот на минатата година најавив дека ќе ги унапредам своите донаторски и хуманитарни активности во татковината, преку координирана и унифицирана програма која ќе се реализира преку новоформираната Фондација „Ѓорѓија Џорџ Атанасоски“. Свеченото отворање на Фондацијата се случи минатиот месец во Скопје, со присуство на голем број на претставници од општествено-политичкиот живот, верски и црковни великодостојници, претставници на македонците од регионот, дипломати, но и многу граѓани, истомисленици со кои заедно ги делиме истите вредности и цели. Во текот на месец декември ќе биде објавен првиот конкурс на Фондацијата, со кој ќе ги повикаме младите и успешни кадри да аплицираат со свои проекти, кои ќе станат дел од нашата програма за 2016 година.
Фондацијата ќе биде посветена на промовирањето на македонската култура и традиција. Ќе подржуваме програми и проекти кои ќе се грижат за зачувување на македонското културно и духовно наследство. Ќе стипендираме најдобри ученици, студенти, ќе го потикнуваме спортскиот дух, но и ќе го развиваме и претприемништвото кај младите преку едукативни програми и поддршка на мали бизниси. Ќе издаваме публикации, ќе организираме дебати и трибини за македонското културно творештво, ќе ја развиваме и етничката толеранција и ќе промовираме социјални проекти од интерес на заедницата. Ќе реставрираме стари градби, но ќе финансираме и археолошки истражувања. Остануваме доследни во нашите изворни принципи дека нашите браќа и сестри македонци, кои живеат надвор од границите на Македонија, особено во регионот, да продолжат да ја имаат нашата подршка во зачувување на своите македонски корени и идентитет. Фондацијата ќе го подржува развојот на македонската демократија и почитувањето на човековите слободи и права.
Што се однесува до бизнис проектите и инвестициите во Татковината, имам намера да ги унапредам преку дополнително вложувања во секторите во кои и до сега инвестирав. Особено ме радува билансот на „Жито Прилеп“, со кој раководи синот Николас, кој неодамна го започна процесот на ребрендирање и модернизирање на продавниците на компанијата. Нашите сограѓани прилепчани, имаат прилика да ги купуваат производите на „Жито Прилеп“ од една модерна продавница чија понуда ги задоволува највисоките американски и светски стандарди.
Земајќи предвид дека активно ја коментиравте повеќемесечната политичка криза, како гледате на политичкиот договор од „Пржино“?
Македонија, македонскиот народ и заедничката иднина не смеат да бидат и понатаму заложници политичка нестабилност и бесперспективност. Затоа, сметам дека е добро што нема пролонгирање на датумот за одржување на предвремените парламентарни избори. Долготрајната политичка криза ја стави на сериозен испит иднината на Македонија и македонскиот народ. Граѓаните, бизнис заедницата, македонската дијаспора подолго време се во грч, баравме брз излез од кризата, особено затоа што одреден период неизвесноста дополнително се продлабочуваше. Нашите меѓународни сојузници јасно ја манифестираа својата загриженост за нашите евроатлански перспективи, како последица од евентуално негативниот исход од преговорите на четирите инволвирани политички партии. Во вакви околности природно се наметна дека само политички договор може да биде излезно решение за длабоката политичка криза во која беше втурната татковината.
Оттука, кога веќе четирите политички партии, под покровителство на САД и ЕУ, седнаа на преговарачка маса, се потпишаа на политичкиот протокол од Пржино, сметам дека нема друг пат, освен целосно да се спроведе секоја од јавно превземените обврски, за да се поврати политичката клима во која сите политички партии ќе се вратат на стратешките приоритети на Македонија и македонскиот народ. Јас искрено жалам што сите инволвирани политички страни постојано паѓаат на испитот на политичка зрелост и наместо самите да ги решаваме проблемите, покажуваме дека имаме недостаток на државнички капацитет. Дури и тогаш кога мора сите да бидеме свесни дека е во прашање иднината на Македонија, не можеме да ги надминеме тесно политичките интереси, заради што самите се ставаме во ситуација да бидеме изложени на сериозен притисок и ангажман од нашите меѓународни сојузници, кои пак покажуваат дека сакаат Македонија да продолжи по стратешкиот пат на евроатланските интеграции.
На Македонија и е неопходно да се одржат фер, слободни и демократски предвремени парламентарни избори, со кои конечно ќе се отстранат сите сомнежи за наводни неправилности или фалсификување на изборната волја на гласачите. Фактот што опозицијата на утврдените позиции во извршната власт, учествува со свои високи партиски функционери е најдобра гаранција дека сите инволвирани политички партии заедно ќе ги градат политиките за креирање предуслови за фер кампања. Најважно од се’, ваквите околности неминовно упатуваат на тоа дека исходот од изборите на 24 април, ќе мора да биде прифатен од сите политички партии.
Колку Дијаспората е задоволна од решенија во новиот Изборен закон?
Во дијаспората е големо разочарувањето што во Македонија се појавија иницијативи за оспорување на правото на иселениците да гласаат на изборите. Дијаспората е нераскинлив дел од македонското национално ткиво и е крајно неблагодарно било кој да го потценува нејзиниот придонес во создавањето на независна држава и секојдневното инвестирање во економскиот развој на татковината. Може да разберам дека постои дилема за досегашниот легитимитет на претставниците на иселениците во македонското Собрание, но тоа не може да значи по автоматизам да се бара укинување или мораториум за правото на глас на дијаспората, како што тоа го бараше „МОСТ“ , туку да се вложат искрени напори за да се изнајде решение.
Ние од Македонската Алијанса бевме пионери во иницијативата за воведување на една изборна единица со отворени листи, кој како изборен модел ќе ги вклучи гласовите на иселениците од Европа, САД и Австралија и со тоа ќе ги затвореше сите прашања во врска со оспорувањето на изборниот легитимитет на пратениците од дијаспората. На Македонија и е потребен разнолик, но силен законодавен дом, Собрание во кое пратениците на помалите политички партии, ќе бидат вистински претставници на своите гласачи, во функција на јакнење на татковината.
Добро е што и со новиот Изборен закон, остана правото на дијаспората да избира тројца пратеници, сега од една изборна единица по пропорционален модел, иако сметам дека ова ново решение не е најсоодветно. Како сите мудри држави, така и Македонија треба да изгради долгорочна стратегија за привлекување на новите генерации иселеници да бидат активно вклучени во општествено политичките процеси во Македонија. Таквата стратегија треба да биде усвоена со консензус меѓу сите политички фактори и да го дефинира курсот на Државата согласно националните интереси, а не како досега во зависност од нечии дневно-политички потреби.
Г-не Атанасоски, кои се Вашите оценки за годинешниот Извештај на Европската Комисија за напредокот на Република Македонија?
Јас го поздравувам опстојувањето на татковината на стратешкиот колосек, кое е верификувано и констатирано и со последниот Извештај на Европската Комисија. Без разлика што е условена, фактот што Македонија доби седма по ред препорака за отпочнување на преговорите со Европската Унија, всушност е исполнување на волјата и желбата на големиот процент на граѓани кои ја гледаат иднината преку евроатланските интеграции на земјата. Она што не ме радува, е тоа што и овој Извештај во голема мера не се разликува од претходните, по прашањето на политиките на блокади, уцени од официјална Атина, поврзани со ирационалниот спор кој веќе со децении ни е наметнат од нашиот јужен сосед, заради што е блокирано нашето членство во Европската Унија.
Извештајот недвосмислено посочува дека разрешницата на политичката криза, преку исполнување на сите превземени обврски од политичкиот протокол од „Пржино“, се наметнува како формален услов за задржување на патот на европските перспективи. Клучните политички фактори треба да ги земат предвид и критиките кои се нотирани во Извештајот и преку соодветни институционални реформи да се создадат предусловите за понатамошен демократски развој на татковината. Дополнително, за да се расчистат различните партиски толкувања на констатациите содржани во Извештајот за таканаречените “бомби“, кои ги објавуваше опозицијата, сметам дека Специјалното Обвинителство, а особено Судот, во конкретните случаи мора во објективна и непристрасна постапка, подеднакво да ги расчистат и околностите под кои е прислушувано, но и сите евентуални индиции за наводно сторен криминал. На таков начин граѓаните ќе ја вратат довербата во државните институции.
Она што ме загрижува е тоа што во Извештајот на Европската Комисија е наметната уште една забелешка, а која упатува на некаква анализа на Охридскиот Рамковен договор. Ја користам оваа прилика уште еднаш да предупредам, дека секој нов обид за суштинско, институционално или регионално редефинирање на меѓуетничките односи, ќе ја втурнат Татковината во уште посериозна и далеку подраматична политичка криза. Рамковниот договор од 2001 година, одамна е преточен во амандмани кои се составен дел од Уставот на Република Македонија.
Секое преиспитување на овој договор неминовно ќе води кон отворање на прашањето на нашиот Уставен поредок, што е апсолутно недозволиво. Јас силно верувам дека Македонската демократија има потенцијал сите евентуални уназадувања во развојот на мултиетничките општествени процеси, да се решава без нови тензии и исклучиво низ внатрешен политички дијалог на принципиелни основи.
Македонската Алијанса јавно ги осуди последните нови провокации кои доаѓаат од високи претставници на политичките елити кај нашиот јужен сосед. Дали сметате дека актуелизирањето на можноста за евентуално решавање на повеќедеценискиот спор за името е случајно?
Јас лично не верувам во случајности. Во неколку наврати јавно предупредив дека постои опасност долготрајната политичка криза да се злоупотреби како наша внатрешна слабост и на тој начин како Држава да бидеме ставени во неповолна положба и со притисок да бидеме принудени по прашањето на спорот за името да направиме дополнителни отстапки кои би биле недозволиви. Истовремено, сигурен сум дека растечката хистерија кај нашиот јужен сосед е најочигледниот показател дека политичките елити во Грција ја губат подршката за нивниот средновековен иредентизам и политики на блокади, уцени со кои се попречуваат Евроатланските интеграции на Република Македонија. Дипломатскиот пораз во Њујорк каде Македонија под своето Уставно име во септември учествуваше на Меѓународната Конференција против ИСИС ја покрена лавината на скандалозни изјави, говори и провокации кои доаѓаат и од функционери на позицијата и опозицијата.
Дополнителниот притисок, кој нашите меѓународни сојузници го прават врз официјална Атина за да покаже флексибилност кон ирационалниот спор кој го наметна на Македонија, создава голема нервоза кај одредени грчки фактори. Како и да е, јас побарав брза реакција од Претседателот на Република Македонија, Ѓорѓе Иванов, со која треба да се осудат серијата на скандалозни провокации кои доаѓаат од грчкиот Претседател Прокопис Павлопулос, но и од министерот за одбрана Панос Каменос. Сметам дека е неопходно македонското министерство за надворешни работи да побара официјален одговор од грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коsиас-што е вистинската надворешна политика на Грција? Дали ставот на официјална Атина кон Република Македонија се серијата скандалозните провокации на грчкиот Претседател Прокопис Павлопулос, на министерот за одбрана Панос Каменос, или пак предлозите за таканаречените мерки за градење доверба кои ги предлага грчкиот министер за надворешни работи?
Ние како Држава мора јасно да ставиме до знаење дека нема да останеме неми на ваквите испади и провокации кои наместо да ги унапредуваат, ги уназадуваат односите меѓу двете соседни земји. Крајно патетични се провокациите на Павлопулос и Каменос, кои очигледно во немоќ не можат да разберат дека Македонија може да биде грчка само во нивните соништа и фантазиите на радикалните и застарените грчки општествено-политички чинители.
Јас силно верувам дека најголема наша патриотска должност е да продолжиме и понатаму посветено да се бориме за заштита на вековното, историско име на нашата древна Македонија. Ние имаме генерациска обврска да застанеме на патот на сите подмолни обиди за оспорување на Македонскиот идентитет кои се насочени кон загрозување на иднината на татковината.
Семејството Атанасоски, на полето на инвестициите во татковината, најавува нови проекти. Се разбира Ѓорѓија Џорџ Атанасоски, како претседател на по