Интервју со Афродита Николова, првата Македонска стипендистка на фондацијата на Бил Гејтс

ПУЛС24 успеа да направи интервју со младата поетеса од Штип, Афродита Николова, која неодамна стана првата стипендистка од Македонија кој ја добила престижната стипендија од фондацијата на главниот човек на Мајкрософт, Бил Гејтс, за докторски студии на универзитетот во Кембриџ, Англија.Какви чувства ви поминуваа низ умот кога аплициравте за стипендијата, додека ги очекувавте резултатите, и кога конечно, станавте стипендист на докторски студии на Кембриџ?
На почетокот кога аплицирав за стипендијава потајно ја посакував, не само поради финансиската поддршка, туку и можноста што ја нуди Гејтс заедницата. Знаев дека моите интереси и цели се вклопуваат со целите на Гејтс Кембриџ, но реално се подготвував за негативен одговор зашто знаев дека стипендииве се многу компетитивни. Само 1% од апликантите од меѓународната група апликанти на крај успеваат да станат Гејтс стипендисти.
Последниве денови ве има во речиси сите електронски и пишани медиуми. Како се носите со таа слава? Како го дочекаа вашите најблиски овој голем успех? Дали можеби се случило луѓе да ве препознаат на улица?
Не мислам дека ова ме прави славна, но се надевам дека ќе отвори простор за видност на она што допрва ќе го правам преку мојот труд и воопшто. Важно е веста да допре до повеќе луѓе, најмногу, зашто така почнуваме да соработуваме повеќе и разменуваме идеи за тоа како сите можеме да придонесеме за оддржување и развивање на заедниците и да изградиме посилна инфраструктура. Некогаш, два мали стиха, може да спасат две бротчиња накиснати во солзи. Или да измамат солзи, но од оние што го ослободуваат стресот и не усреќуваат.
На што прецизно ќе се фокусира вашата докторска дисертација?
Сакам да ја истражувам улогата на поезијата и поетската изведба во преродување на идентитетите кај млади луѓе од маргинилазирани групи. Поточно, станува збор за програма што вклучува работилници коишто би обработувале теми релевантни за самите учесници преку разновидни ументички форми, меѓу кои и поезијата. Ова е еден од неколкуте модели на таканаречените уметнички интервенции. Целта е да видам каков тип на интервенција е погоден за нашата култура и како тоа придонесува за подобрување не само на креативните вештини кај учесниците, туку и интеркутуролошката комуникација.

 
Што мислите, дали тој ваш потфат да ја внесете уметноста во казнено-поправните установи е ризичен потфат?
Секое истражување си има своја етичка димензија и ризик и затоа треба внимателно да се осмисли. Кога станува збор за работа со група на луѓе кои се малолетни или пак доаѓаат од маргинализирана група, тогаш навистина треба да се процени ризикот што самото истражување би им го причинил на самите учесници. Станува збор за ризик од психолшки карактер, улогата на истражувачот како еден вид „натрапник“ во приватниот простор на луѓето и работата на институциите. За ова да биде колку е можно поприродно, потребна е соработка и погодни услови за работа. Секако, свесна сум дека постои ризик и за мене, како истражувач, токму од истиве причини. Сметам дека треба да се биде реален и нормално е да се изолираат можностите за нарушување на безбедноста. Но од друга страна, кога некој проект толку ви значи, нешто од внатре ви вели дека мора да го изодите до крај. Ако сите постојано се плашиме од ризик, тогаш кога нешто ќе се смени во животот на луѓето како малолетните осуденици кај нас?
Дали можеби некогаш во вашите песни сте обработувале теми за маргинализираните групи на луѓе?
Да. Човечката внатрешност, идентитети и пред се болка секогаш го интересирале и ќе го интересираат и засегаат секој човек. Има случаи кога сум читала за ликови од различни култури, најмногу од афро-американска проза, каде емоциите толку силно оставиле трага во мојата свест, што Пекола на Тони Морисон спонтано се најде во една моја песна. Некои мои песни обработуваат теми како јазични бариери кај нас, или човечки неправди во светот. Токму пред некој ден дебатирав на слична тема со еден пријател, особено за можноста да чувствуаме емпатија со ликовите или луѓе кои поминале низ тешки моменти. Се согласувам дека секое едно искуство му припаѓа само на оној што го искусил и истово низ годините се доживува различно, зависно од многу карактеристики на личноста, културата, образованието, контекстот, воспитанието. Со еден збор „или си убил, или не си убил човек“. Но, најпросто земено, емпатијата, значи да се обидеш да се ставиш во кожата на другиот, а секој човек е способен барем да го направи овој напор. Но за емпатијата, особено врската помеѓу наративната и реалната, постои цело едно поле на истражување и теории.  Особено поврзана со книжевниот текст е видувањето на Сузан Кин,  когнитивната поетика, експерименталната психологија и неврологија кои досега имаат покажано, иако со поделени мислења и резултати, дека емпатијата кон ликовите од приказните може да побуди проактивно однесување во општеството.

 
Дали мислите дека уметноста и поезијата ќе придонесат за правилната ресоцијализација на лицата во казнено-поправните установи, па можеби и меѓу нив да се родат и нови надежни поети?
Мислам дека ќе помогнат во процесот на ресоцијализација и токму затоа сакам да ја истражувам улогата на поезијата во овој контекст. Самото учество во уметничка интервенција подразбира учење за поезијата и развивање на естетско чувство, обид за остварување дијалог за најчестите етички дилеми. Не можам да кажам дали би имало надежни поети, но ова нема да биде чудно, зашто имало слични примери во минатото, како американскиот поет Реџиналд Бетс (Reginald Dwayne Betts), кој вели дека кога некој му оставил поетска антологија пред ќелијата направил пресврт во неговиот живот. Тој бил 9 години во затвор, а денес активно пропагира и работи со млади по затворите и во училишта.
Дали можеби во системот на некоја друга земја сте се сретнале со активности од ваков вид?
Да. Уметнички интервенции од различен тип се вообичаена практика во САД и ВБ, а застапени се и во Јужна Африка, Австралија, Словенија. На пример, ПЕН центарот во САД и ВБ има посебни проекти со кои праќа поети во затворите да работат со осуденици што се заинтересирани за ова; тие исто така имаат слични вакви проекти со групи на луѓе како ученици што доаѓаат од проблематични семејства или пак со имигранти, кои често се дискриминирани.

 
Како една млада надежна поетеса, што мислите, дали Македонците сакаат поезија? Дали ја читаат?
Не можам да кажам дали луѓето во Македонија сакаат поезија. Мојот општ впечаток, сепак е очекуваниот одговор, не многу. Постои тесен круг на луѓе и читатели што ја негуваат поезијата. Има многу причини за ова, како на пример начинот на кој образовниот систем ни ја сервира поезијата како загадочна форма наменета само за „попаметните“ деца или пак спротивното, дека е само „губење време“ дур вистинскиот свет ни се случува пред нос. Не треба да се заборават и социјалните мрежи и интернетот, коишто колку ја прават достапна, толку можеби и го подјадуваат времето за читање. Ова се дел од прашањата со кои се занимавав за време на моите магистерски студии и се надевам дека ќе ги продлабочам за време на докторските.
Колку често во Скопје, а и во Македонија се организираат настани со поетски читања, и колку истите се посетени?
Во последно време сум многу задоволна од зачестените поетски читања и иницијативи како на пример оние во АКСЦ и од Ленка. Задоволна сум кога ќе видам и група тинејџери на вакви настани. Исто така многу се радувам што конечно почнуваме да зборуваме за слем кај нас преку рубриката „Петни жили“ на „Ш“ (Излез), каде што сакам да ги опфатиме сите досегашни и идни напори за слемот и поетската изведба. Меѓу нив особено се издвојува работата на поетесата Елена Пренџова која годинава е дел од организацијата на меѓународниот слем натпревар во Прилеп.  Посетеноста варира, и секако, како и со сѐ друго, зависи од тоа како е промовиран настанот. За жал, моето мислење е дека имаме хиперпродукција на поезија, а мала, речиси невидлива публика за истата. Проблемот со бројноста на поетите се протега и во светски рамки. На едно поетко читање кај нас, неодамна се случи да ме поканат на отворен микрофон и ова многу ме зачуди. Особено зашто досега сум била сигурно на дваесетина отворени микрофони во Кембриџ и Лондон, како и на „Фринџ“ фестивалот во Единбург каде концептот отворен микрофон е едноставно „отворен“.  Имаме уште работа пред нас, но, кога мене ме прашувате, би рекла дека поетски настани никогаш не може да има доволно!
Што би посочиле како причини за незаинтересираноста на повеќето млади луѓе за поезијата?
Како што споменав, маргинализацијата на уметностите во целина, како „фини, но не и нужни“. Стигмата околу самата форма и интерпретацијата на истата, што доведува до стравот дека „не ја разбираме песната“. Но како што вели Китс, песната не се рабзира, ами треба да се сети.

 
Како поезијата влијаела на вас како личност?
Првата песна ја напишав како еден мој мал бунт против неправдата што чувствував дека еден мој наставник ни ја направи на сите од класот. Му купивме, според него, „преевтин поклон“ за крај година. Поезијата е дел од мене, таа е еден од моите позначајни идентитети. Книжевноста во целина, ми дозволува да си правам муабет со многу луѓе за суштински животни прашања. Кога ова го надополнам со стручна литература од полето на образованието, филозофијата, психологијата, книжевната теорија, тогаш се чувствувам среќно и спремна за овој наш свет.
На какви теми најчесто пишувате? Што ве инспирира?
Искуството на жената, семејните проблеми, детството, нелогичните ситуации и решенија што луѓето ги донесуваат во одредени моменти од животот од кои често се запрепастуваме и ни претставуваат морални дилеми. Исто така, суптилните или едноставни решенија што како луѓе ги донесуваме, а што носат комплексни размисли зад себе. Она што ме инспирира може да биде драстично различно. Сакам да истражувам, тргнувајќи од визуелната уметност, арехеолошки експонати во музеи, историски настани и луѓе, физички феномени и чудни термини, барем за мене, како на пример од роботиката. Во последно време ме инспирира циркусот, карневалското и куклата како симбол, без разлика дали е бабушка, порцеланска или некој украс.
Дали покрај поезијата имате и некоја друга пасија во животот?
Покрај книжевноста под која ги подразбирам сите аспекти, пишувањето и читањето, како и водењето работилници за креативно пишување, имам некои други помали интереси. На пример ја сакам изведбата, и затоа понекогаш глумам аматерски. Неуморно сакам да играм игрички со пријателите, како пантомима и Диксит (Dixit).

 
На кого или на што, покрај вас секако, би го припишале вашиот досегашен успех? Дали постои некој или нешто друго што сметате дека ве прави успешна?
Од оваа гледна точка е тешко да кажам или да предвидам. Знам само дека дури и моите сеќавања за негативни искуства досега, на долги патеки гледам дека може да имаат позитивно влијание. Понекогаш на училиште се срамев да кажам дека сум влаинка, оти знаев дека некои деца ќе мислат дека сум скржава. Училиштето често знаеше и да ме доведува во непријатни ситуации. Многу е тешко луѓето да те сфатат дека тоа што не сакаш да поткажуваш на тестови, не е оти си себичен, туку напротив, оти сакаш да помогнеш. Затоа и сме работеле заедно по часови. Од друга страна пак, отсекогаш сум имала пријатели со кои заемно сме се поддржувале. Кога згрешам, сакам да се извинувам и се обидувам да надоместам. Неправди не можев да поднесувам. На пример, во основно ни ги заклучуваа вратите од училиштето на голем одмор. Еднаш се случи да не не пуштат воопшто. Со неколку сокласници излеговме низ нискиот прозорец од училницата, оти бевме гладни. Накусо, за секое едно искуство, ја „обвинувам“ биологијата, општеството, моите најблиски, и сите луѓе во мојот живот. Најмногу тие необјасниви сосема споредни моменти, што придонеле за големи и главни достигнувања.
За крај, што би им порачале на нашите читатели?
Бидете природни. Чистете си го умот и душата. Сакајте се. Немајте само надежи, туку основа за истите. Оваа недела задолжително направете едно нешто што никако не би ви паднало на памет во вашата секојдневна рутина!
 
Ова интервју е есклузивно за ПУЛС24. Недозволиво е какво било преземање на целиот текс или делови од него без претходно одобрение од ПУЛС24.Какви чувства ви поминуваа низ умот кога аплициравте за стипендијата, додека ги очекувавте резултатите, и кога конечно, станавте стипендист

Пронајдете не на следниве мрежи: