Структури во опозицијата веќе подолго време, преку најразлични активности, упорно се обидуваат да го пресликаат босанското сценарио во Македонија. Последниот обид за иницирање насилства по улиците низ државата беше маскиран под превезот на незадоволството на стечајците од пропаднатите приватни фирми изразено преку протести пред зградата на Владата.
Точно е дека овие луѓе имаат реален проблем кој никого не го остава рамнодушен, но, исто така, е вистина дека со нивниот проблем се соочуваат уште илјадници македонски граѓани, чиишто приватни фирми пропаднале во годините наназад. Тоа што е уште потрагично е дека иницијаторите на насилствата преку нивната мака сакаат да создадат многу поголем општествен проблем, со последици што се многу посериозни за целата држава.
Оттука се наметнува логичното прашање, кому му одговараше да има инциденти пред Владата?
Во опозициските медиуми и на социјалните мрежи сѐ почесто може да се прочитаат повици за бунтови, социјални немири, босански сценарија и слични насилства во кои товарот би требало да го понесат граѓаните, како израз на граѓанското незадоволство. За очекување беше да се појави некој „спонтан“ протест, кој ќе прерасне во инцидент.
Прашањето беше само кој ќе биде жртвуван? Според босанското сценарио, за таа цел идеално „оружје“ би биле социјалните категории граѓани. Но, тие што беа пред македонската влада, можеа да забележат дека инцидентите, всушност, не ги почнаа стечајците, туку добро организирана група, пред сѐ млади лица, кои „солидаризирајќи“ се со маката на стечајците се обидоа да ја поведат толпата во директен судир со полицијата.
Сепак, очигледно беше дека класичното сценарио за предизвикување сериозни инциденти на јавни собири не успеа и тоа, пред сѐ, затоа што беше проѕирно и прочитано од самите стечајци, кои останаа настрана. Ако беше спротивно, последиците по сите нас ќе беа драматични. Целата ситуација, од страна, беше набљудувана од високиот функционер на СДСМ Кире Наумов. Каква беше неговата функција знае само тој.
Јасно е дека вистинскиот креатор на ова сценарио никогаш нема да има храброст јавно да излезе и да го признае тоа. Зошто би се довел во ситуација да ја загрози сопствената безбедност, да прекрши неколку закони и потоа да се соочи со судот? Покомотно е организаторите секогаш да стојат настрана за сеирџиски да набљудуваат и да подбуцнуваат, а потоа да се појават како спасители.
Ако партиските функционери и активисти на СДСМ, пак, присуствувале на протестите во знак на солидарност со стечајците тоа значи дека во оваа партија, по цели две децении, конечно, проработела совеста. Но, ако социјалдемократите вистински се покајале за армијата од неколку стотини илјади невработени, која ја создадоа во деведесеттите години, прво би било чесно јавно да им се извинат на сите нив и на нивните семејства.
Ако сега се пројавила искрена грижа за нивните судбини и ако, навистина, сакаат да им помогнат, треба прво на легален начин да ја освојат власта, на избори што би се случиле што поскоро, а потоа во најбрз рок да им го решат проблемот како ќе го направат тоа треба да соопштат сега. Сѐ друго се само опасни игри за ситни партиски интереси од кои на крајот штета ќе имаат сите, вклучувајќи ги и тие на Бихаќка.
Колумнист: Ненад Мирчевски
Извор:republika.mkПоследниот обид за иницирање насилства по улиците низ државата беше маск