Не постојат канали на влијание што ќе овозможат прелевање на босанската криза во регионот. Впрочем, во изминатиов четврт век бевме сведоци на толку многу граѓански протести низ државите од поранешна Југославија, па ништо од тоа не се прошири „од Вардар, па до Триглав“. Босанските протести нема да мрднат надвор од границите на бошњачкиот дел од Босна и Херцеговина
Зошто босанската пролет нема да се прошири никаде во регионот? Изминатава седмица вестите од Босна ги полнат содржините на електронските и печатените медиуми во регионот и пошироко, а дознавме и дека сѐ уште се живи и здрави многумина од аналитичарите што се прославија за време на југословенските воени судири. Притоа, се изнаслушавме многу нешта и, за жал, јавноста се исполни со толку многу бучава што станува тешко да се дојде до вистинските информации.
Елем, сега веќе нештата стануваат многу појасни. Првиот заклучок е дека не станува збор за некаква босанска пролет, туку дека се случуваат протести во бошњачкиот дел на Босна. Во Република Српска и во некогашната хрватска „Херцег-Босна“ нема никакви позначајни протести.
Второ, станува јасно дека многу темни сили видоа шанса за остварување на нивните агенди и за лов во матно, па покрај социјалните теми, невработеноста, сиромаштијата и криминалната приватизација, во барањата се протнаа и претерано чувствителни предлози што потенцијално би можеле да отворат нова меѓуетничка војна во Босна. Од тие причини, матичните држави на босанските Срби и на босанските Хрвати веднаш реагираа за да ги смират истенчените нерви на своите сонародници од онаа страна на Дрина, Сава и Уна, а потоа во Сараево допатува и Ахмет Давутоглу веројатно од истите причини.
Колку и да изгледа чудно оваа регионална игра, тоа е Босна во 2014 година. Босанските Срби имаат своја де факто држава преку својот ентитет Република Српска, а некогашна „Херцег-Босна“ личи како веќе да се наоѓа во Република Хрватска, особено за време на хрватските избори, кога сите хрватски политички партии својата предизборна кампања ја спроведуваат и на територијата на Босна. За да не останат покуси, и Бошњаците пронајдоа своја матица, но во Република Турција, па беше интересно за време на последните рамазански пости да слушнеме лично од Реџеп Таип Ердоган како Алија Изетбеговиќ му ја дал Босна во аманет на својата смртна постела!? Поделбите не запираат само со различните религии и матични држави на босанските народи. По крајот на војната станува сѐ поочигледно дека во Босна се развиваат три посебни општества што со секој изминат ден врват во се поинакви и подалечни патишта, без разлика на фактот што номинално споделуваат иста држава.
Дејтонскиот мировен договор ја запре војната, но не понуди трајно решение за Босна, а многу кариери на битни чинители во меѓународната заедница беа вложени во Босна, па сега станува сѐ потешко да се признае неуспехот. Да не зборуваме и дека токму акциите на некои од европските и американските проконзули во Босна само дополнително ги усложнија работите и ја зголемија заемната недоверба помеѓу босанските народи.
Босна е нефункционална држава и не постои никаков начин таа воопшто да профункционира. Линиите на фронтот кон крајот на војната станаа етнички меѓи, кои во суштина полека се претвораат во меѓудржавни граници. Затоа, во услови на ваква запалива атмосфера лесно може некој да ги повика демонстрантите да тргнат кон источно Сараево или кон западен Мостар, па да видиме повторно како ѓаволот ја однел шегата.
Трето, босанските протести, освен доколку повторно не се разгорат меѓуетничките страсти, немаат апсолутно никаков потенцијал да се прошират во регионот. Сите посткомунистички држави и општества се соочуваат со ист тип проблеми, а сличностите се уште поизразени во случајот на државите од поранешна Југославија. Меѓутоа, не постојат канали на влијание што ќе овозможат прелевање на босанската криза во регионот. Впрочем, во изминатиов четврт век бевме сведоци на толку многу граѓански протести низ државите од поранешна Југославија, па ништо од тоа не се прошири „од Вардар, па до Триглав“.
Босанските протести нема да мрднат надвор границите на бошњачкиот дел од Босна и Херцеговина.
Четврто, протестите на крајот ќе завршат со избори каде што Бошњаците повторно ќе гласаат за политичарите од актуелните бошњачки политички партии што сега сакаат на клоци да ги истераат од владините канцеларии. Очигледно е дека не постои организирана политичка сила што ќе успее овој изблик на незадоволство да го насочи во својата политичка колона. Доколку се точни наводите на некои политички аналитичари дека во Босна се раѓа автентично босанско цивилно општество, тогаш исто така ќе почекаме да ги видиме новите политички движења што ќе произлезат од таа граѓанска мобилизација.
Ете, гледаме како во Турција сѐ уште не се јавило поголемо политичко движење што ќе ги претстави барањата на демонстрантите од паркот „Гези“. Во Германија се чекаше цели 15 години за да се создаде Партијата на зелените што ја зароби енергијата на студентските протести од 1968 година. Така и Босна е очигледно дека овие протести нема да завршат во преобразба на актуелната политичка сцена, туку во најдобар случај би завршиле со промена на генерациите во актуелните бошњачки политички партии. Сепак, мошне сум сомничав дека присуствуваме на раѓањето на самоникнатото бошњачко цивилно општество.
На крајот, поаѓајќи токму од нашето македонско искуство ќе мора да ги разочараме Босанците и да ги известиме дека нема да има никакви резултати од нивното барање на преиспитување на криминалната приватизација. Единствено на што може да се надеваат и Босанците и Македонците и сите други жители на посткомунистичките држави е тоа што веројатно ќе се јават некои похрабри новинари, аналитичари и научници што темелно ќе го проучат периодот на приватизација и прецизно ќе го опишат клучниот општествен настан за современите посткомунистички држави. Тоа, за жал, не е демократизацијата, туку е приватизацијата.
Овој процес, од Источен Берлин до Владивосток и од Мурманск до Охрид, беше клучен за создавањето на современите општества во посткомунистичките земји. Како што Американците зборуваат дека нивниот капитализам и нивните општествени класи се производ на „позлатеното време“ од доцниот 19 век, така и посткомунистичките Европејци ќе зборуваат дека нивното општество и нивните општествени класи се производ на приватизацијата од 1990-тите. Приватизацијата заврши и нема да има ревизија на приватизацијата, ни во Босна, ни во Македонија, ни во Русија, ни во поранешна Источна Германија. Тој воз, за жал, одамна ја напушти железничката станица.
Така што, освен доколку актуелните бошњачки протести не ги загрозат меѓуетничките односи, како резултат на некои темни домашни и странски актери, босанската пролет брзо ќе биде заборавена како сосема локална политичка епизода.
Ивица Боцевски за Нова Македонија.Впрочем, во изминатиов четврт век бевме сведоци на толку многу граѓански протести низ државите од поранешна Југославија, па ништо од тоа не се прош