Со воведувањето на халал стандардот Витаминка веќе ги има скоро сите од светски бараните стандарди

Интервју со Лидија Каранфилоска, Технички директор на Витаминка 
Витаминка неодамна го доби сертификатот за Халал стандарди, што значи да се добие овој сертификат?
Лидија Каранфилоска: Со стекнувањето на сертификатот за халал стандард се отвора едно ново поглавје за Витаминка од аспект на големината на овој чекор и значењето што го има за нас како компанија. Стандардот е надградба на веќе имплементираните стандарди во работењето на Витаминка, кои секако се од значаен придонес во секој сегмент од работењето на Витаминка. Воедно ќе ни овозможи да бидеме присутни и конкурентни на светските пазари каде претходно не сме биле присутни. Со овозможување на производи соодветни на потребите и на другите потрошувачи, ја зголемуваме нивната доверба во нас и нашите производи. Сепак, со овој стандард, односно со халал сертификатот всушност се потврдува и нашата корпоративна цел, секогаш да се стремиме кон производство на прехранбени производи што ќе бидат според стандардите за свесност и безбедност на храната.
 
Што значи халал стандард во однос на потрошувачите и дали беа потребни извесни промени да се имплементираат со цел производите да бидат халал прифатливи?
Лидија Каранфилоска: Самиот збор што е земен од арапскиот јазик значи „се што е дозволено“, но за многумина овој стандард е синоним за здрава храна. Овие производи со цел да се задоволат барањата на Исламската религија, не смеат да содржат адитиви и емулгатори кои што се штетни по здравјето. Исто така, не смеат да имаат додатоци што се од свинско потекло, а забранет е и емулгаторот Е120 што се користи како додаток за производство на бои. Забранет е алкохол, употреба на ликери во кондиторските производи и сите други адитиви кои што имаат свинско потекло. Од аспект на потрошувачите тоа пред сè се здрави и производи без масти. Токму затоа, многу потрошувачи без разлика на верската припадност, ги прифаќаат и редовно ги користат овие производи. Што се однесува до промените, секако дека беа неопходни измени и процесот траеше подолго време, бидејќи за нашите производи да имаат халал статус потребно беше репроматеријалите да имаат халал сертификат.
 
Кој го издава и што е потребно за еден производител да биде Халал сертифициран?
Лидија Каранфилоска: Кај нас, во Македонија овој сертификат го издава и воедно целиот процес на одобрување е од страна на Исламската заедница во Македонија. За стекнување на овој сертификат, покрај компаниската определба за произведување на халал квалитет, потребно е уште и потврдување на сите, кај нас во Витаминка веќе постоечки, здравствени, хигиенски и санитарни мерки коишто се пропишани според сите законски прописи, како и според интернационалните стандарди. Откако ќе се потврди дека дејноста, производниот процес и составот на производите се според сите важечки прописи, производителот ги исполнува сите услови, го добива Халал сертификатот. Халал статусот е истакнат на производите со употреба на знакот за халал сертификат на амбалажата од самиот производ. Како што се прават постојани контроли и надзор на производниот процес, соодветно за сите имплементирани производни стандарди и сертификати, така и за халал квалитетот се врши константен надзор од страна на ИВЗ во Македонија.
 
Какви се перспективите за овој пазар?
Лидија Каранфилоска: Според последните трендови и нашироко прифатените халал производи како здрави, овој пазар континуирано расте и нуди перспектива пред сè за компанијата. Воведувањето на Халал стандардот долги години е пракса на најголемите прехранбени производители на светскиот пазар и со тоа се олеснува патот на компанијата својот извоз да го насочи кон нов и брзорастечки пазар, кој се предвидува дека до 2020 година ќе надмине 6 милијарди долари на светско ниво. Со примена на халал стандардот за Витаминка се отвора можност за извоз на пазар со 1.8 милијарди жители, или вреден 2,3 милијарди долари. Само во Европа, халал пазарот изнесува 70 милијарди долари, а во нашиот регион приближно 2 милијарди долари.
 
Колкави се инвестициите за примена на нови стандарди?
Лидија Каранфилоска: Како што се наметнува потребата од примена на нови стандарди или стекнување на нови сертификати, така се зголемуваат и инвестициите во ова поле. Дополнително, секоја компанија што се грижи за квалитетот на своите производи самата воведува нови и повисоки производни стандарди, со цел да го унапреди квалитетот и да се прилагоди на потребите и желбите на потрошувачите. Токму затоа, инвестициите за примена и користење на стандардите се постојани, а ова дополнително е значајно во случај кога компанија како Витаминка е присутна и има стратегија за проширување на странски пазари.
 
Кои се сертификати ги поседувате и што е следната фаза во создавање производи според потребите на граѓаните?
Лидија Каранфилоска: Како вистински лидер на пазарот Витаминка ги следи трендовите во кондиторската индустрија. Соодветно на тоа го унапредува своето производство и имплементира нови стандарди. Со воведувањето на халал стандардот, Витаминка веќе ги има речиси сите од светски бараните стандарди за квалитет ISO 9001, ISO 14001, IFS, HACCP системот за безбедност на храната кој е законска обврска и не подлежи на сертификација, од преостанатите, неимплементирани стандарди останува уште кошер стандардот, кој што е потребен за израелскиот пазар и на чие добивање се работи. Витаминка со современата технологија со стандардите за квалитет може со своите производи да влезе во кој било пазар од светот. 
Витаминка неодамна го доби сертификатот за Халал стандарди, што значи да се добие овој сертификат?

Пронајдете не на следниве мрежи: