Во Македонија ќе се добива струја од измет на кокошки

Багери, камиони, ископ на земја и веќе изградени бетонски ѕидови за идниот склад на различни видови ѓубре од кои ќе се произведува струја.Веднаш до едниот изграден ѕид веќе се одложени околу три тони комиње од винарската визба „Сковин“, која до неодамна имала проблем што да прави и каде да го складира отпадот што останува по преработката на грозјето. Отпадоци останати по направената зимница почнале да носат и жителите од село Требош. Таму, во кругот на живинарската фарма „Везе Шари“, интензивно се работи на изградба на биогасна централа со која компанијата планира да го заокружи производствениот процес, од еднодневни пилиња, сопствена мелница за храна, преку производство на јајца и преработка на животинско месо во сувомесни производи, да се дојде до производство на струја и добивање високо квалитено биоѓубриво. Се работи интензивно и се брза, како што е зацртано од германскиот партнер во фармата, до крајот на годината да се изгради халата за да може во зимските месеци да се монтира опремата и веќе идното лето да се произведува струја.
– Мојот партнер бара што побрзо да почнеме со преработка на отпадоците, не толку заради самото производство на струја, туку многу повеќе за добивање на биоѓубривото, кое ќе биде седумпати компресирано и ќе се извезува во Германија. Ваквото ѓубриво е висококвалитетно за одгледување цвеќиња и воопшто во градинарството – вели Арбен Абдурахмани, сопственик на живинарската фарма „Везе Шари“.
Заокружен производствен процес Абдурахмани на 16 години заминал за Германија, каде што во последните седум години од престојот работел во живинарската фарма на неговиот сегашен партнер, кој сега е сопственик на 51 отсто од фармата, фабриката за сувомесни производи „Лекер“ и на биогасната централа „Енерго Шари“. Тој објаснува дека идејата за изградба на ваква централа дошла токму од неговиот партнер уште во 2006 година. Во Германија, а и во речиси цела Европа долго беше правило покрај секоја фарма за каков било добиток да се изградат вакви централи, кои, од една страна, го решаваат прашањето на отпадот и имаат еколошко значење, а, од друга, произведуваат чиста зелена струја.
Меѓутоа, во Македонија ова не беше законски регулирано, а со измените на Законот за енергетика и утврдените квоти за повластени производители на струја од обновливи извори, тие уште лани есента ги почнале сите подготовки.
– Постапката малку се одолжи бидејќи требаше време да се изврши пренамена од земјоделско во градежно земјиште. Инаку, немавме пречки во нашата идеја да изградиме ваква централа, за која камен-темелникот беше поставен пред еден месец – објаснува Абдурахмани.
Во суштина, од 2002 година, кога почна инвестицијата во живинарската фарма, заедно со германскиот партнер кој, како што вели Абдурахмани, има над 50 години искуство во одгледување живина, проблемите што се појавувале се решавале со нови инвестиции. И тие давале резултати.
Па така, кога требало да се врши замена на кокошките несилки, како проблем се јавило што да се прави со нив.
– Ги дававме наваму-натаму, по пазарите во Тетово, Скопје и во други градови. И тогаш решивме да инвестираме во погон за преработка на пилешко месо и добивање сувомесни производи. Ја зедовме лиценцата „Лекер“ и сега кокошките ги колеме во кланици во Скопје и во Неготино, а месото го преработуваме во нашиот капацитет. Тој е инаку прв во Македонија кој го доби сертификатот ИСО 22000 за производство на сувомесни производи. На крајот како проблем се појави прашањето што со отпадот. Сега и за тоа најдовме решение – објаснува сопственикот на „Везе Шари“.

Чистач на животната средина
Биогасната централа, која ќе биде со инсталиран капацитет од 999 киловати и годишно ќе произведува 7,95 милиони киловат-часови, ќе троши 50 тони ѓубре дневно. Можат да се обезбедат 25 отсто од потребните количини од сопствени потреби. Во „Везе Шари“ планираат сегашниот капацитет од 120.000 кокошки и 60.000 пилиња да го зголемат на 240.000 кокошки и очекуваат од сопствени потреби да обезбедуваат 50 отсто од потребното ѓубре, во кое ќе бидат вклучени и отпадоците што остануваат по колење на кокошките.
– Од една фабрика за преработка на млеко и за производство на млечни производи едвај чекаат да почнеме да работиме за да ги спасиме од сурутката, која се јавува како нуспроизвод и со која не знаат што да прават. Ја испуштаат во река или по полиња и целата околина смрди, па жителите реагираат – вели Абдурахмани.
Во централата ќе се собира и отпадот од краварските фарми, кој, според познавачите, е особен проблем во полошкиот регион и интензивно ја загадува почвата. Kако суровина се планира понатаму да се користи и отпадот од рестораните, за што ќе се доставуваат посебни контејнери, а ќе ги собираат со посебни возила.
– Биогасните централи се чистачи на животната средина и мислам дека нашата многу ќе придонесе да се исчисти регионот од загадувачкиот и непотребен отпад, со кој не се знае што да се прави – додава сопственикот на идната гасна централа „Енерго Шари“.
Нови вработувања
Kога заминав за Германија, каде што веќе беа двајцата мои постари браќа, си зацртав дека ќе се вратам назад. И се вратив. Денес и моите браќа се тука, а најстариот се врати токму да го води проектот за биогасната централа, вели Абдурахмани.
Во „Везе Шари“ и „Лекер“ се вработени 75 лица, од Требош, од околните села, но и од Скопје, Kочани. Kога ќе проработи централата, планираат бројот да се зголеми и во трите капацитети да бидат вработени вкупно 100 лица.
Пченка со систем капка по капка
Веднаш до оградата на живинарската фарма „Везе Шари“ расте пченка, која се одгледува со системот капка по капка. Огромни стебленки какви што ретко каде можат да се видат во Македонија даваат и огромен род, по 20 тони од еден хектар. Станува збор за проект што фармата го реализира заедно со УСАИД на површина од 6.000 квадратни метри, а чија основна цел е да се обучат земјоделците од околината како да одгледуваат пченка и да добиваат од неа високи приноси.
Иако производство на пченка е исклучително важно бидејќи со тоа би се намалил увозот на добиточна храна, Македонија има мало производство на оваа култура токму поради фактот дека за нејзино одгледување и за добри приноси е потребна вода. Затоа и УСАИД во повеќе региони во земјава почна проект за обука на земјоделците како со системот капка по капка и во климатски услови какви што има кај нас можат да се добијат исклучителни приноси. 
Извор:think.mkВеднаш до едниот изграден ѕид веќе се одложени околу три тони комиње од винарската визба „Сковин“, која до

Пронајдете не на следниве мрежи: