Извештајот за едногодишната работа на СЈО веќе една недела е специјална тема во Собранието, но и во медиумите. Со полно право. Она што е законска обврска за секој буџетски корисник на народни пари, да поднесе и да образложи годишен извештај за работата и за своето финансиско работење со цел да ги оправда потрошените пари, СЈО ја претвори во тема со статус државна тајна. Никој во државата, освен Јанева и нејзините платеници, не смее да знае како се трошат народните пари од страна на овој орган. Никој не смее да се дрзне, ниту да помисли да се обиде да ѕирне во „џебот на СЈО“ небаре содржината во џебот е нејзина/нивна приватна сопственост. Небаре Јанева и нејзините од свои пари го наполниле буџетот на СЈО.Во одбрана на „доверливоста“ на потрошените, а не прикажани пари во финансискиот извештај се вдаде цела армија медиумски перјаници, бранители на ликот и делото на Јанева и на СЈО, шарени молеро-фарбачи, и опозициски шлемови. Токму оваа „одбрана“ го наметна сомнежот во законитоста на операцијата. Зошто е потребна толкава медиумска хистерија за работа што е законска обврска на секој буџетски корисник? Што Јанева сака да сокрие од јавноста? Чиј ангажман или активност не смее да излезе во јавноста со ваквото строго доверливо држење на „нејзините“ финансии под превезот топ сикрет? Kого с` плаќа Јанева од народните пари? Што с` влегува во категоријата договорни и хонорарни услуги? Да не случајно под превезот дискретен шарм на Јанева се крие најбруталното и медиумски најхистеричното оправдување на потребата да стартува последниот чин од акцијата внатрешно рушење на системот по сите основи и по сите шевови? Зошто како поинаку да се толкува ова свесно незаконско дејствие на Јанева освен како потреба јавно да се погази се во државата, јавно да се избербатат Уставот, законите, легитимитетот на сите политички институции, изборната волја на мнозинството граѓани.
Специјалната Јанева со нејзиниот тим соработници и овој пат ја потврди својата неприкосновена, специјална положба во државата. Небаре се надземни и севишни, суштества што одат над земјата, и проповедаат нови божји правила. Kако што покажува праксата, само нејзе и се може среде законодавниот дом, среде претставничкиот орган на сите македонски граѓани, на прашањата на пратениците каде потрошила ни повеќе ни помалку туку еден милион евра за кои нема дадено отчет, без трошка срам и етика да одговори „нема да ви кажам“. И не знам дали вреди понатаму што било да се коментира во насока на надополнување на оваа невидена дрскост, безобразност, безгранична инфантилност и глупавост. Ваков лупус ин фабула се чини само Јанева може да го „изменаџира“ до степен да се прашуваме дали нашите уши добро слушаат, дали нашите очи добро гледаат, какво е ова лудило што од класична системска грешка создадена во време на наметната политичка криза во земјата се заканува да прерасне во масовна хистерија на системот.
Примерот што Јанева го дава на другите граѓани во државата е сериозна опасност, многу поголема од нејзиниот вкупен габарит. Граѓаните со право си велат, ако вака несериозно и неодговорно може да се однесува избран функционер, тогаш и нас ни се може. Зошто и ние да ги почитуваме законите, државата, правилата, системот? Што е повеќе Јанева од нас. Така продолжува оправдувањето на лавината незаконитости што секојдневно ги гледаме. Така добиваат на сила шарените системски стампеда што нанесуваат тешки, несогледливи негативни последици по државата и нејзиниот поредок. Така треба да се релативизира се во системот под паролата никој и ништо не ни можат.
Тука, всушност, лежи зајакот на Јанева олицетворен во нејзината дрскост на јавна сцена. Можеби целава идеја е преку системската грешка во изборот на Јанева и на СЈО како парадржавен орган да се создаде клима на општо беззаконие и хаос кој потоа ќе треба да го санира и затвори некој друг, но не ние, не граѓаните на Република Македонија како единствени носители на суверенитетот согласно Уставот. Идеја која ни е многу позната, чија реализација е длабоко забраздена.
И за жал, нема друго образложение на очигледното безобразие што го покажува специјалната на јавна сцена. По старата изрека ем шуто ем боде. Нејзиниот изум со реченицата „нема да ви кажам“ упатена директно до пратениците во Собранието е силен шамар на Јанева на правната држава, класично непочитување на демократијата и на граѓаните во државата. Свесна или не, Јанева со своето дрско и арогантно однесување, но и со демонстрираното правно незнаење ја нокаутираше целата држава. Се доведоа под знак прашање многу елементи од системот, многу пропусти во високото образование, многу критериуми за добивање на работно место, многу етички стандарди. Излегоа на мегдан сите слабости што македонскава политичка криза ги создаде и ги толерира како колатерална штета.
Заборави ли навистина Јанева дека СЈО е државен орган што има обврска да даде отчет за секој потрошен денар народни пари? За секој денар станува збор, а не за еден милион евра. Заборави ли Јанева дека согласно „нејзиниот закон“ (член 7) таа е одговорна за својата работа пред Собранието на РМ и пред Советот на јавни обвинители, и дека има обврска да „обезбеди соодветни информации за да ги оправда трошоците“? Слушнала ли Јанева за Законот за јавна внатрешна финансиска контрола? Познато ли и е дека таа како раководител и овластено службено лице на СЈО е должна да воспостави финансиска контрола во органот и систем за управување со финансиските средства?
Поставила ли Јанева финансиски контролор во СЈО кој, согласно закон, ќе врши проверка на законитоста и правилноста на нејзините предложени финансиски одлуки, како и нивно одобрување или оспорување земајќи ги предвид принципите на економичност, ефикасност и ефективност? Слушнала ли Јанева за поимот стабилно финансиско управување и контрола засновано врз принципите на транспарентност, економичност, ефикасност и ефективност во користењето на расположливите средства? Има ли Јанева поим што значи ревизорска трага, што значи основен финансиски извештај, финансиска ревизија, ревизија на усогласеност во процената дали работењето на државниот орган е во согласност со законите? Знае ли Јанева што е сомнеж за измама, а поврзано со преземено или непреземено дејствие од кое оправдано може да се донесе заклучок за намерно или погрешно презентирање на материјалните или финансиските факти?
Многу прашања се адресирани на вистинското место. Само личноста не е соодветна за да можат да се очекуваат минимум нормални одговори. Ако Јанева не знае, јавноста знае дека финансиско управување и финансиска контрола се воспоставува кај сите буџетски корисници од областа на законодавната, извршната и судската власт, но и кај фондовите, општините, градот Скопје. Основната цел на финансиската контрола е да се вршат работите од својот делокруг на правилен, етички, економичен, и ефикасен начин согласно со позитивните прописи во земјата. Раководителот на субјектот (читај: Јанева) е одговорен за комплетното управување со доделените средства на начин утврден во закон, како и да биде отчетен во управувањето со јавните средства.
Министерството за финансии, преку инспекторите за јавни финансии, е надлежен државен орган да врши инспекциски надзор над трошењето на јавните пари. Токму недостатокот од еден милион евра во финансискиот извештај на СЈО треба веднаш да ја алармира финансиската инспекција за да на законит начин ги утврди околностите и фактите поврзани со фаличниот финансиски извештај на Јанева. Ако финансиската инспекција најде прекршувања на законите во делот на финансиското работење на СЈО, и утврди одговорност кај одговорното лице за сторените неправилности, или незаконитости во работењето, треба да се очекуваат во кус рок покренување на прекршочни или кривични постапки против надлежните лица.
Еден од основите за покренување кривична постапка, а оттаму и кривична одговорност за овластеното службено лице е несовпаѓањето на дадените буџетски средства согласно финансискиот план на органот, со потрошените, а неприкажани средства во финансискиот извештај. Тоа согласно Kривичниот законик е кривично дело злоупотреба на службената положба и овластување, кривично дело несовесно работење во службата, кривично дело проневера и измама во службата. Kако специјален јавен обвинител, Јанева мора да го знае сето ова.
Но, сепак, гледаме дека постапува така како што постапува. Одговорот на прашањето кој ја штити Јанева во незаконското работење и за кои цели го знаеме сите. Добро е уште еднаш да го повториме градивото за конечно да почнеме да бараме кура од напастите што му демнат на системот…
Тања Kаракамишева-Јовановска за ДНЕВНИКВо одбрана на „доверливоста“ на потрошените, а не прикажани пари во финансискиот извештај се вдаде цела армија медиумски перјаници, бра