„Алокејт софтвер“ ја зголемува почетната инвестиција во Македонија

Британската ИТ компанија „Алокејт софтвер“ ја зголемува почетната планирана инвестиција од пет на 7,5 милиони евра во својот Центар за развој на апликации во Скопје.Компанијата денеска отвори втора канцеларија на македонскиот пазар, а вкупно планира ангажман на 55 програмери за развој на софтверски апликации.
Проширувањето на Центарот за развој, според раководството, треба да го зајакне техничкиот развој на водечкиот пакет апликации што го нудат за пазарот на здравствени услуги.
Главниот извршен директор на „Алокејт софтвер“ Сати Сиан изрази задоволство од проширувањето на Центарот за развој на апликации во Скопје како дел од нивите тековни планови за раст.
– Не само што Центарот ќе служи како локомотива за раст на нашата интернационална стратегија, туку тој исто овозможува нашите постојни клиенти да имаат корист од континуираниот развој на нашите тековни решенија, рече Сиан.
Со зголемување на инвестициите на „Алокејт“ во Центарот, потенцира, се создава можност за македонските инженери да ни се приклучат и да ги градат своите кариери преку успешен меѓународен бизнис за апликации во здравството.
Министерката за информатичко општество и администрација Марта Арсовска Томовска истакна дека е особено значајно што британската компанија одлучи да отвори втора канцеларија за производство на софтвер од областа на медицината и да ја зголемат иницијалната инвестиција од пет на 7,5 милиони евра.
– Најважно од се е што тука се создава софтверот што понатаму се дистрибуира низ светот, рече Арсовска Томовска.
Според неа, Владата има обврска да продуцира квалитетен ИТ-кадар кој е исклучително важен сегмент на пазарот на трудот, како многу барани и дефицитарни.
– Нашата примарна задача покрај обезбедување добро деловно окружување за работа на компаниите да овозможиме државата да произведе поголем број програмери, инженери. Од тие причини бројот на програмери што завршуваат високо образование во наредниот период двојно или тројно да го зголемиме, истакна министерката Арсовска Томовска, дополнувајќи дека во изминатиот период се преземени активности во таа насока.
Значењето на инвестицијата на „Алокејт софтвер“ го истакна и британскиот амбасадор во Македонија Чарлс Гарет, посочувајќи дека станува збор за успешна компанија која е присутна во Македонија веќе една година.
– Од аспект на Британската амбасада ова е нешто навистина за поздравување. Работењето на британските компании во Македонија е еден од најдобрите начини за градење и зајакнување на врските меѓу двете држави и убеден сум дека ова е одличен пример во таа насока, рече Гарет, посочувајќи дека е добро што Македонија е дел од меѓународната мрежа за бизнис на „Алокејт софтвер“ присутна во многу држави и со амбициозни планови за проширување на работата.
Досега ангажираните 25 програмери за развој на софтверски апликации во Центарот, на почетокот од вработувањето поминаа обуки во Велика Британија или Стокхолм.
„Алокејт софтвер“ е компанија со седиште во Лондон и канцеларии во Сиднеј и Стокхолм. Нуди услуги за специјалистички софтвер за оптимизација на работна сила, подобрување на организациски тек, управување, ризик и усогласување. Решенијата на „Алокејт софтвер“ ги користат над 700 организации во јавниот и приватниот сектор.Компанијата денеска отвори втора канцеларија на македонскиот пазар, а вкупно планира ангажман на 55 програмери за развој на софтверски апликации.

Пронајдете не на следниве мрежи: