Американската метропола Детроит прогласи банкрот

Американскиот град Детроит вчера прогласи банкрот. Градот повеќе не е во состојба да ги исполнува преземените обврски кон доверителите, градските служби и пензиските фондови за понарешните гратски вработени.
Обидот со ангажирање на економскиот експерт Кевин Ор да се изнајде компромисно решение и да се избегне банкротот тежок 18,5 милијарди долари, заврши неуспешно.
– Граѓаните на Детроит заслужуваат јасен излез од сегашниот циклус на постојано влошување на услугите што ги добиваат. Доверителите на градот, како и неговите многубројни посветени јавни службеници, заслужуваат да знаат кои ветувања градот може, а кои не може да ги исполни. Единствениот начин радикално да го преструктуираме градот е ако дозволиме повторно да се пронајде себеси, без товарот на обврските кои е невозможно да ги исполни, изјави Рик Снајдер, гувернер на сојузната држава Мичиген, каде Детроит е главниот економски центар.
Прогласувањето банкрот значи дека некои од банките и финансиските корпорации кои купувале обврзници издадени од градот ќе загубат до 90 проценти од нивниот влог. Особено погодени ќе бидат осигурителните компании кои ги исплаќаат пензиите на поранешните градски службеници, полицајци, учители и пожарникари. Гувернерот ги обвинува синдикатите на јавните службеници дека нивното инсистирање на исплата на ветувањата за високи пензии, дадени во времето кога градот беше ненадминат автомобилски центар, фатално ја празнат градската каса.
Иако американските градови и општини понекогаш прогласуваат банкрот како можност да излезат од своите натрупани обврски, при што неодамна банкротираше калифорнискиот град Стоктон со 300.000 жители и долг од милијарда долари, сепак банкротот на Детроит е без конкуренција најголемиот банкрот од ваков вид во историјата на САД. Градот се соочува со драматично уништување, и од 1,8 милиони жители во 1950ите години, сега брои само околу 700.000. Масовното бегство на граѓаните, особено од средната класа, остави големи пространства во Детроит празни, со напуштени куќи во кои се вселени криминалци и бездомници.
Само во последните 10 години градот загубил околу 250.000 жители. Во обид да го запре натамошното уназадување на градот, државата Мичиген и градските власти почнаа проекти за уривање на цели напуштени населби и изградба на нови објекти, при што истакната улога има и корпорацијата на македонскиот иселеник Мајк Илиќ која гради комерцијален центар вреден 650 милиони долари во центарот на Детроит. 
извор:денешен.мкАмериканскиот град Детроит вчера прогласи банкрот. Градот повеќе не е во состојба да ги исполнува преземените обврски

Пронајдете не на следниве мрежи: