Македонија станува атрактивна дестинација за американските инвеститори. Во слободните економски зони влегуваат нови компании, се отвораат производствени капацитети и работни места. Последна во низата е фабриката на „Гентерм“, 20 милионска инвестиција во Прилеп што ќе се отвори 2 илјади работни места.„Новата фабрика на „Гентерм“ е доказ за одличните бизнис – релации воспоставени меѓу Македонија и САД. Вкупно девет од 23-те фабрики кои работат или се во фаза на изградба во ТИРЗ-овите имаат американски капитал, а вкупното портфолио на нивните инвестиции изнесува над 150 милиони евра. По комплетирањето на инвестициите за година или две, се очекува бројот на вработени во американските компании во Македонија да достигне над 10.000 лица“ – вели вицепремиерот за економски прашања, Владимир Пешевски.
Кои се американските компании во Македонија?
Историјата на македонските слободни економски зони почна со САД. Првата компанија што влезе во Бунарџик беше „Џонсон Контролс“. Компанијата почна со работа во 2006 година, за потоа погонот во слободната економска зона во Скопје да отиде во рацете на „Вистеон“. Сепак, инвестицијата на „Џонсон Контролс“ во Бунарџик беше многу важна, се скрши мразот, се испрати порака до другите потенцијални инвеститори дека Македонија е поволна дестинација за правење бизнис.
„Џонсон Контролс“ не запре со Бунарџик. Компанијата активно работи во Штип, фабриката е наменета за производство на навлаки за автомобилски седишта со 1.500 вработени. Сега, „Џонсон Контролс“ ќе биде првиот инвеститор во слободната зона во Струмица. Инвестицијата е тешка 20 милиони долари и ќе донесе нови 1.500 работни места.
„Успешниот развој на нашата фабрика во Штип и успешната соработка со македонската Владата го подготви нашиот пат за следниот чекор и за новата фабрика во Струмица“ – вели Владимир Теплик, потпретседател на трим групацијата на „Џонсон Контролс“ за Европа.
„Ова не е само значајна инвестиција од 20 милиони долари, туку истовремено и можност за нови вработувања, кои заедно со оние во фабриката во Штип изнесуваат над 3.000 работни места“ – вели директорот во „Џонсон Контролс“, Питер Хајфт.
Американците имаат навика да бидат први инвеститори во слободните економски зони. Тоа го направи и „КСС“ во Кичево. Компанијата за производство на воздушни перничиња пред пет месеци ја отвори новата фабрика и ја врати индустријата во овој македонски град. 15 милионската инвестиција отвора илјада работни места.
„До крајот на 2015 имавме 153 вработени, до крајот на годинава ќе имаме приближно 700, а до крајот на 2017 година илјада вработени. Со овие вработени ќе произведуваме приближно три милиони парчиња годинава и шест милиони во 2017 година“ – вели Рауф Гаспари од „КСС“.
Каков е профилот на „Гентерм“?
„Гентерм“ е американска компанија со повеќе од 40 годишна историја во развивањето термички технологии. Има повеќе од 10 илјади вработени во 12 држави. Произведува компоненти за најпознатите брендови на автомобили од рангот на „Мерцедес“, „БМВ“, „Ферари“, „Ауди“, „Фијат“, „Форд“. Разговорите за влез во Македонија ги почна во 2014 година за две години подоцна да го отвори својот капацитет во Прилеп на површина од 10 илјади квадратни метри. Компанијата веќе планира проширување на бизнисот и проширување на капацитетите на 22 илјади квадратни метри.
„Во фабриката ќе се произведуваат делови за потребите на автомобилската индустрија кои ќе бидат наменети за европскиот пазар за сите реномирани производители на автомобили. Во моментов во фабриката работат 450 лица, а до крајот на годината нивниот број треба да се зголеми на 650. Во понатамошните фази ќе бидат креирани вкупно 2.000 работни места“ – вели првиот човек на слободните економски зони, Виктор Мизо.
Сепак, отворањето на „Гентерм“ има уште поголемо значење за Македонија, бидејќи слободната зона во Прилеп стана петтата функционална зона во земјава, по Скопје 1 и 2, Кичево и Штип.
„Ова е првата фабрика во зоната во Прилеп, а уверен сум дека со нејзиното отворање почнува нова позитивна ера во која оваа зона ќе биде дом на многу идни фабрики и место каде своето вработување ќе го најдат многу луѓе“ – вели премиерот Емил Димитриев.
Во Бунарџик има пошарена слика и неколку американски инвеститори.
„Вистеон“ дојде на местото на првата фабрика на „Џонсон Контролс“, откако во 2014 година беше склучен договорот за купување на нивната дивизија за електронски компоненти за 265 милиони долари. Компанијата произведува компоненти за инструмент – табли за автомобилската индустрија.
Неколку чекори подоле во зоната, Американци произведуваат кондензатори за автомобилската индустрија и разни индустриски апликации. Во Бунарџик е сместен „Кемет Електроникс“, на парцела од 4,4 хектари изгради фабрика со површина од 10,000 квадратни метри. Вкупната инвестиција изнесува 30 милиони евра.
Уште една инвестиција од Американци во Бунарџик е „Кап-Кон“, светски производител на автомобилски инфлатори за воздушни перничиња. 18 милионската инвестиција креира 400 работни места во Скопје.
За Бунарџик се реши и американската компанија „Делфај“. Инвестицијата е вредна 15 милиони евра, а ќе отвори 500 нови работни места. За неколку години се очекува извозот да достигне над 150 милиони евра годишно. Инвеститорот е водечки глобален снабдувач за автомобилскиот и пазарот за комерцијални возила, има 146 илјади вработени во 126 производствени погони, работи во 33 држави.
„Делфај е фокусирана на испорака на висок квалитет, водечки индустриски технологии кои им помагаат на производителите да постигнат повисок електронски и безбедносен систем. Капацитетите во Македонија ќе помогнат во остварување на оваа цел“ – рече Луси Тоскани, глобален оперативен директор на „Делфај“.
Погон за автомобилски делови во Кочани отвори и американската компанија „Амфенол“.
„Има три причини зошто инвестираме во Македонија. Прво, тоа е висококвалификуваната работна сила, второ поддршката што ја добиваме од државните институции и трето, тука е многу лесно да се води бизнис” – рече потпретседателот на Корпорацијата, Џон Тренор.
Американска инвестиција во автомобилскиот сектор има и во Полошкиот регион. Корпорацијата „Леар“ се реши за овој дел од Македонија. Станува збор за американската корпорација која е втора од листата на 500 најголеми компании на „Форчн“, со 132 илјади вработени во фабрики во 34 земји.
„Во новата фабрика во Тетово очекуваме од 1.500 до 2.000 вработени до крајот на 2018-та, со можност за натамошна експанзија штом тоа ќе го овозможат условите“ – порача Рафаел Гаљарди, потпредседателот на корпорацијата „Леар“.
Поттикнување на локалниот економски развој
Економистите велат дека е најважно што инвестициите се дисперзирани, односно распространети во повеќе градови, со што се стимулира порамноправен регионален развој и раздвижување на локалните економии.
„Работниците земаат плата, одат во локални продавници, купуваат, трошат, со што се мултиплицира ефектот од инвестицијата. Позитивните ефекти не се само оние од непосредното вработување“ – објаснува универзитетскиот професор Јован Пејковски.
Во исто време се работи за инвестиции од висок профил, за реномирани компании кои одлучија да го вложат својот капитал во Македонија, што носи дополнителен адут во ракавот на земјава за привлекување нови странски директни инвестиции.„Новата фабрика на „Гентерм“ е доказ за одличните бизнис – релации воспоставени меѓу Македонија и САД. Вкупно девет од 23-т