Анализа: СДСМ со веќе видено сценарио преку ново востание излезе на улиците на Скопје

Loading...

Партиските телефони во СДСМ од вчера се вжештени, партиските членови се анимираат да го пречекаат на скопскиот аеродром нивниот сопартиец Мирослав Шиповиќ за кого постои налог за притвор, пишува „Дневник“ во својата анализа. Денес, СДСМ организираше протест пред Основниот суд во Скопје, поради апсењето на Шиповиќ за случајот „Претседавач“. 
СДСМ повеќе нема да учествува во работната група во Собранието за 24 декември, а нејзините градоначалници го замрзнуваат своето учество во ЗЕЛС, објави лично лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Ако ова не помогне да се спаси нивниот член, најголемата опозициска партија е подготвена за уште порадикални чекори.
Според весникот, кој ја анализира ситуацијата што се случува во опозицијата  ова е комплетно истото сценарио кое социјалдемократите го применуваат секогаш кога нивни член е под сомневање за криминал. Впрочем, сценариото за Шиповиќ е петто по ред политичко востание на СДСМ за спас на нивни член.

Секогаш кога истражните органи отвораат сомневања дека нивен член е поврзан со одредени кривични дејства, СДСМ оди на напуштање на демократските институции, на грубо прекинување на дијалогот и на произведување улични немири, кои ја урнисуваат сликата на државата и од внатре и од надвор, велат аналитичарите за Дневник.
– Евидентно е дека опозицијата не успеа да изнајде успешен рецепт со кој ќе истапи на политичкиот ринг и ќе повлече народ по себе. Тоа секако е фрустрирачки факт со кој секојдневно се соочува старо-новото раководство на СДСМ и оттаму сметам дека произлегуваат ваквиот фанатичен однос и истапувањата од институциите на државата. Ваквиот однос на опозицијата говори за две клучни прашања: континуираното градење на недоверба во политичкиот и во правниот систем кога СДСМ не е на власт и преку претставување слика дека се игнорира правото на пресумпција на невиност, кое е уставно загарантирано право на секој граѓанин на нашата држава, вели Иванка Додовска, доцент на Факултетот за политички науки во Скопје.
Сомнеж дека се работи за чисто партиска битка за спас за сопствениот функционер фрла и тоа што во сите овие случаи, освен партиските челници на СДСМ осомничени за криминал се уште по десетина други лица. За нив СДСМ не протестира, не ги спомнува во барањата за ослободување и како политички реваншизам ниту, пак, ги напушта државните институции во кои има некаква власт, пишува весникот.

Дури и самиот лидер на СДСМ, Зоран Заев, е дело на вакво сценарио. По сомневањата во февруари 2008 година дека како струмички градоначалник почнал нелегална изградба на затворениот пазар и трговски центар „Глобал”, Заев на 17 јули беше уапсен. Постоеше сомневање дека заедно со уште петмина други лица сториле криминал тежок четири милиони евра. Истражните органи никогаш не ја довршија истрагата, а судот никогаш не пресуди дали Заев е виновен или невин. Впрочем, веднаш по неговото апсење, СДСМ се крена на нозе, почнаа да се блокираат регионалните патишта од партиските членови во источна Македонија, тогашните градоначалниците на СДСМ ги замрзнаа своите активности. СДСМ го напушти Собранието, а пратеничката група на партијата се упати кон судот. Државата беше доведена во неколкунеделна политичка криза, но партијата го спаси Заев со тоа што Бранко Црвенковски, тогаш шеф на државата, го искористи своето право на аболиција.
Пред сегашниот лидер на СДСМ, партиско востание за негова одбрана доби Владо Бучковски. Откако стигна барање за симнување на неговиот пратенички имунитет во државата, токму за илинденските празници настана вистинска политичка драма. Пратениците на СДСМ ги блокираа Собранието и собраниската сала во која се расправаше за неговата привилегија. Истото се случуваше и за фармерот Душко Илиевски кога пратеници од СДСМ, предводени од Менде Диневски и од Весна Бендевска, со протести пред судот и општината бараа ослободување на Илиевски. Наспроти сите обвинувања за партиска монтажа и партиско влијание врз судовите, млекарот беше ослободен по спроведената судска постапка. Една од поголемите политички кризи, пак, што Македонија ги доживеа, беше онаа во декември 2010 година при случајот со фирмите на Велија Рамковски. Црвенковски, сега вратен како партиски лидер на СДСМ, ослободувањето на Рамковски го издигна на услов за државата да продолжи да функционира. Тогаш беше отворено и сомневањето дека СДСМ се обидува да ги изведе луѓето пред Собранието и да направи преврат во државата. Пратениците на СДСМ комплетно ја напуштија работата на парламентот и не се вратија назад с' додека не се издејствуваа предвремени избори, заклучува весникот во анализата.
Извор. Дневник. Денес, СДСМ организираше протест пред Основниот суд во Скопје, поради апсењето на Шиповиќ за случајот „Претседавач“. 
СДСМ

loading...
Loading...