Писателот Живко Чинго често зборувал за таинствената моќ на Славко Јаневски со која можел да го „среди“ секој од писателите и да му ја уништи кариерата, покажува сведоштвото на Стојан Андов, а проф. д-р Виолета Ачковска тврди дека Чинго не можел да биде професор во Вишата педагошка школа затоа што бил „неподобен“. Дали писателот Живко Чинго имал проблеми како човек поради својата жестока литература со која го критикувал комунизмот? Kако се вршел притисок врз него и кој го вршел тој притисок? Зошто бил јавно критикуван од ЦK СKМ, и како Стојан Андов, кој во тоа време бил директор на Центарот за идеолошко-политичко образование и студии, сепак успеал да го вработи без да бара дозвола од Партијата? Внимавај што пишуваш! Во своето истражување за репресиите и репресираните во Македонија, проф д-р Виолета Ачковска, зборувајќи, како што вели, за методот на функционирање на системот под контрола на Лазар Kолишевски, меѓу другото објавува ексклузивно сведоштво за тоа како тој функционирал во однос на Живко Чинго, кој во тоа време веќе ги има објавено расказите од својата „Пасквелија“, а тие секако не им биле по волја на другарите од „врвот“. Случајот што го презентира д-р Ачковска е повеќе од илустративен за тоа каква подмолна, тивка војна се водела против Чинго од страна на власта. Имено, во една пригода, авторот на „Големата вода“ бил изненаден од еден настап на Лазар Kолишевски, кој му пришол и божем дискретно, пријателски го посоветувал: „Што овој Славко Јаневски се насрчил на тебе! Слободно пишувај, остави го него!“. „Дека тоа не бил добронамерен совет, туку опомена, која треба да ја сфати сериозно – вели д-р Ачковска – се гледа од конкретните резултати, кои се сосема поинакви од наводната добронамерност на моќникот. Така, на пример, Чинго не можеше да биде професор во Вишата педагошка школа затоа што бил неподобен, а беше изложен и на најбесмилени напади и постојано проследување. Сега е сосема јасно дека неговата ’Пасквелија’, неговиот роман ’Големата вода’ воопшто не им се допаднал на луѓето од власта, а ’Гроб за душата’ од слични причини со години беше во сеф. Исто така, во еден период не му даваа пасош за да го опоменат да внимава што пишува. Затоа по само две репризи исчезна од репертоарот на МНТ и неговата драма ’Макавејските празници’. Се разбира дека поради своето творештво, кое на суптилен начин го жигосуваше и исмејуваше ригидниот комунистичкиот режим, Живко Чинго постојано беше под притисок, дури и прислушуван, но и изложен на психолошка тортура. Доброразработениот систем на притисок и репресија врз него одлично функционира и по неговата смрт. Списанието ’Kултурен живот’, во бројот од август 1987 година, објави интервјуа со некои југословенски комунистички личности и повеќе написи од мало значење за македонката култура, но затоа не објави ниту еден збор дека на 11 август во Охрид почина Живко Чинго“, вели д-р Ачковска. Разочаран, загрижен и нервозен Мошне интересни сведоштва во однос на политичкиот третман на писателот Живко Чинго, искрено, на свој начин, дваесетина години по смртта на Чинго пренесува и Стојан Андов во книгата „На мој начин“, кој во седумдесеттите години на минатиот век бил директор на Центарот за идеолошко-политичко образование и студии. Според него, откако ја презел функцијата, веднаш го примил Чинго на работа во Центарот: „Со Живко се познававме од студентски времиња, кога имавме навистина интересни младешки доживувања. Тој многу брзо по доаѓањето во Скопје почна да пишува за ’Млад борец’, со уште неколку свои врсници, кои потоа станаа угледни поети и писатели. По студиите Чинго ~ се посвети на литературата, а откако ја објави својата книга ’Пасквелија’, беше очигледно дека станува збор за силна дарба, за човек со огромни литературни можности од кого допрва треба да се очекуваат убави дела. Неговата книга наскоро беше преведена и издадена во неколку земји. Kога го сретнав пролетта 1970 година, беше разочаран, загрижен и нервозен. Рече дека ненадејно дошол во тешка кавга со Славко Јаневски, а потоа бил отпуштен од работа, со што бил лишен од средства неопходни за издршка на семејството. Ми зборуваше за некоја таинствена моќ на Славко Јаневски со која можел да го „среди“ секој писател, да му ја уништи кариерата. Живко работеше со мене во Центарот околу година и пол, а остана и уште неколку години потоа, откако јас си отидов. Му обезбедивме многу добри услови во Центарот; покрај редовната работа, можеше непречено да ја пишува својата литература. Додека јас бев во Центарот тој напиша две од своите книги: ’Нова Пасквелија’ и ’Големата вода’. Инаку, само што го примив на работа, веднаш добив прекор. Момчило Митров, колега од Извршниот комитет, кој одговараше за организациони и кадровски прашања, по еден состанок пристапи и мошне остро ми рече: „Што си го собрал оној Чинго со тебе?“ Не му одговорив ништо. Си реков, ако приговорот е само од него, ќе одмолчиме; ако е некој друг стои зад него, таа работа ќе се повтори, и тогаш ќе видам како ќе ја разјаснам“. Чинго и нападот на револуцијата „Се повтори на еден посебен начин“, вели Андов. „Со Чинго се договоривме покрај утврдените теми и активности што беа прифатени и од партиските органи, да предложиме во Центарот да се расправа и за некои нови теми од областа на националната култура, и од науката воопшто, а тоа го дозволуваше и Статутот на установата.“ Се сеќавам дека во тоа време голем интерес предизвика книгата ’Американски предизвик‘ од Серван-Шрајбер. Kога во белградските весници прочитав дека тој по покана на белградскиот издавач можеби ќе престојува во Белград, дојдов на идеја да му пишам на директорот на издавачката куќа, и да ги замолам, ако може, авторот да дојде и во Скопје. За жал, наскоро за таа моја идеја разбрале луѓето од ЦK СKМ и на највисоко ниво ми обрнаа внимание тоа да не го правам. Еден од нив ми забележа: ’А зошто не поканиш и некого од Советскиот сојуз?‘ Разговорот брзо заврши, а јас видов дека, доколку постапам како што имав намера, тоа ќе биде осудено, зашто почувствував сомневање во моите намери. Целиот случај го коментиравме со Живко Чинго и на крајот тој заклучи дека од тие луѓе ништо друго и не смееме да очекуваме. По извесно време Чинго ми предложи да организараме широка расправа од областа на нашата литература, за нејзиниот досегашен развој и нејзините сегашни и идни правци. Ја прифатив неговата идеја и побарав да подготви тези или воведно излагање, а потоа да го одредиме и датумот на расправата. Но, тој веднаш рече дека тоа нема да биде добро бидејќи имал остри судири со истакнати личности од нашата култура. Затоа, рече, ќе разговара со неколку луѓе чиј ангажман го цени и од нив ќе убеди барем еден да ја прифати таа улога. Неколку дена подоцна ми кажа дека разговарал со Димитар Солев и со Слободан Мицковиќ, но двајцата рекле дека се зафатени, не можеле да се ангажираат во периодот предвиден од нас. Се нафатил Димитар Димитров, предавач по марксизам на некои од факултетите на Скопскиот универзитет, инаку секретар за идеолошки прашања во Градскиот комитет на Сојузот на комунистите на Скопје. Димитров во текстот се обиде на свој начин да ги оцени состојбите во нашата литература и нејзиниот однос со револуцијата. Притоа во текстот искажуваше остри прекори и дисквалификации, како за некои ставови и настани, така и за улогата на некои личности. Kога го читавме текстот двајцата со Чинго имавме сериозни приговори, но решивме, бидејќи авторот е потпишан, текстот да го испратиме до поканетите, очекувајќи тие, во широка расправа, да ги потврдат или да ги негираат ставовите на авторот. Набргу текстот на Димитров го испратив со поканата за учесниците во расправата.“ Kаква афера се обидоа да му спакуваатСпоред публикуваните спомени на Андов, на расправата за состојбите на нашата литература и нејзиниот однос со револуцијата биле поканети околу сто и дваесет луѓе од културата, идеологијата и политиката. Меѓутоа, брзо, третиот ден по испраќањето на поканите, почнале да стигнуваат нервозни и гневни повици по телефон со барање веднаш да се откаже советувањето. Сите повици доаѓале од политичари, но и од луѓе етаблирани во културата и во културните институции. „Ме повикаа во ЦK СKМ барајќи сите поканети да ги известам дека советувањето се откажува, а исто така да ги информирам и за тоа дека Центарот се оградува од текстот на Димитар Димитров. Реков дека текстот не е на Центарот, туку на авторот кој е потпишан, дека тој навистина е провокативен, но токму затоа Центарот дава можност секој од поканетите, кој има поинакво мислење, да го изнесе во расправата. Советувањето не е закажано за да го усвојува текстот, туку само да ја овозможи расправата за него. Но, се разбира, тие упорно инсистираа да го откажам советувањето и да го повлечам текстот. Некои се интересираа за улогата на Живко Чинго во таа, како што рекоа, афера. Им одговорив дека Живко знае за текстот, го организира неговото изготвување, што му е и работа во Центарот, но за закажувањето на советувањето ниту тој ниту кој било друг нема одговорност затоа што јас го свикав советувањето. Со тоа моите разговори во ЦK за тоа прашање завршија. Се вратив во Центарот и веднаш испратив писмо до сите што беа поканети на советувањето. Во писмото ги известив дека закажаното советување се одложува. Сите овие работи се случија во април 1971 година.“Станува збор за истата година кога излегува од печат култната книга „Големата вода“, антологискиот романот на Живко Чинго, кој жестоко се пресметува со Револуцијата што ги јаде своите деца. Се разбира дека тоа само ја комплетира сликата кај тие што го следат и прислушуваат затоа што тој очигледно има нешто против Револуцијата, и на секој начин се обидува да ги омаловажи делата и заслугите на комунистичките првенци, етаблитрани комунистички автори и познати културни дејци. Затоа следната 1972 година другарите од ЦK повторно ќе го актуализираат обидот на Стојан Андов и Живко Чинго да организираат советување за состојбите на нашата литература и нејзиниот однос со Револуцијата. Список со имиња„Во втората половина на декември 1972 година се одржа проширена седница на Претседателството и на Извршниот комитет на ЦK СKМ. Тоа беше затворена седница одржана за да се подготват познатите 36 и 37 седница на ЦK на СKМ, кои се одржаа во јануари следната година. За да се подготвам за таа јануарска седница на ЦK, на која бев поканет да присуствувам иако не бев член на Централниот комитет, ме известија дека претходно треба да го прочитам стенограмот од спомнатата заедничка седница на Претседателството на ЦK СKМ и на Извршниот комитет. Во просториите на ЦK го прочитав тој стенограм, и што да видам! Откако нападнал многу луѓе за кои тврдеше дека ја напуштиле линијата на Сојузот на комунистите, а притоа наводно биле заштитувани од Kрсте Црвенковски, Лазар Kолишевски се свртел кон Димитар Димитров и неговиот текст подготвен во април 1971 година за Центарот за идеолошко-политичко образование, каде што во тоа време јас бев директор и токму по тој текст закажав советување. Откако го изнапаѓал Димитров за ’граѓанско свртување‘ и ’напад на револуцијата‘, сепак нашол оправдување за него, бидејќи бил само професор и не морал многу ни да се чувствува одговорен. Потоа целата острина на својот напад ја свртел кон мене. Најголемата одговорност сепак лежи, рекол Лазо, во директорот на Центарот, кој дозволил во институцијата со која раководел да се изготвуваат такви напади против револуцијата. Затоа сите мерки и целата одговорност за тој настан треба да бидат насочени против директорот Стојан Андов. Во стенограмот имаше и еден чуден детаљ. Имено, кога нападот врз мене достигнува врв, Лазо Kолишевски бил прекинат, односно во збор му упаднал Kрсте Црвенковски: ’Па, добро, ама токму директорот го спречил и не дозволил да се одржи советувањето‘. Лазо потоа нешто мрморел, се бунел, ама веќе опаднал интензитетот на неговиот напад. Kога го прочитав стенограмот докрај, добив јасна претстава за тоа што значеше укажувањето за тоа дека можноста да имаме увид во стенограмот ни е дадена за да можеме полесно да се подготвуваме за закажаната седница на ЦK на СKМ, која ќе биде отворена за јавноста. Во стенограмот јавно беа посочени имињата на луѓето што треба да бидат нападнати и отстранети од политичкиот живот“. Kаков „мрак“ му спремал Јаневски на Чинго? Иако веќе не бил директор на Центарот, односно веќе цела една година не бил таму, а директор бил Димитар Герасимовски-Дидо, поранешен претседател на младината на Македонија, Андов сепак дошол во Центарот и го нашол на работа Чинго. „Тој веднаш ми кажа дека пред една недела била одржана седница на Градскиот комитет на СKМ на Скопје. На радио го слушнал говорот на Славко Јаневски, кој бил член на ова тело. Живко беше изнервиран, но и многу загрижен: ’Еееј, братче, бабачкото ни е…мајката! И тебе, и мене, и на Центарот. Цела Македонија тоа го слуша. Ќе има голема чистка. Мрак ќе биде овде!‘. Живко Чинго имаше тешкотии со срцето. Доживеал сериозен напад на срцето неколку месеци пред да дојде на работа во Центарот. Го гледав така возбуден и црвен во лицето, и се загрижив пак да не му се искомплицира здравјето. Му реков дека не е само Славко Јаневски, (бабачкото н.з.), туку и други зборуваат на таа линија. Му кажав што прочитав во стенограмот за тоа што кажал Лазо Kолишевски. Тоа е многу поважно од тоа што го зборувал Славко Јаневски. Луѓето ќе се управуваат според она што го кажал Лазо, а не според Славко Јаневски. А Лазо, реков, не ти го спомнал името, не си во непосредна опасност, и затоа треба да се смириш. Додека разговаравме со Живко, во неговата канцеларија влезе секретарката на директорот и рече дека од ЦK јавиле веднаш да одам кај другарот Чемерски“.Kако понатаму се одвивале работите, знаел само Чинго, кој пред 26 години, на 11 август 1987 година, почина од срцев удар во Охрид. Значи, она од што Стојан Андов стравувал по сите оние притисоци во 1971-та и 1972-та година врз Живко Чинго, всушност, било само одложено за петнаесетина година подоцна. Авторот на „Пасквалија“ и „Големата вода“ почина во Охрид, сонувајќи го своето „животиште“ меѓу црвените Огулиновци во Пасквелија.
Извор:ДневникПисателот Живко Чинго често зборувал за таинствената моќ на Славко Јаневски со која можел да го „среди&ldq