Антимакедонските ставови на Зијадин Села од Алијанса за Албанците очигледно не им пречат на Зоран Заев и СДСМ. Ниту СДСМ, ниту Заев се уште се немаат оградено од ставовите на Села за Македонија.Во јавноста веќе е познато дека на Села му пречи се што е македонско и останува на ставот дека потребна е промена на македонското знаме и химна.
Села гостуваше на 29-ти декември минатата година во емисија на косовска телевизија каде јасно кажува дека потребите на Албанците не се само премиер.
-Како Албанци кои имате освоено толку пратеници колку што освоивте, Вие се наоѓате во позиција да поставите услов на било која партија со што ќе добиете многу повеќе од тоа што е бара во договорот, еве можете и премиер да добиете. Дали ова е многу амбициозно?, го прашува новинарката.
-Не, не е амбициозно, туку е лага. Затоа што потребите на Албанците не се еден премиер кој ќе дава заклетва пред знаме и химна кои сакаме да ги смениме, одговара Села.
Тврдите позиции и ставови на Села не се ништо ново. Во 2015 година, на 18-ти мај Села гостуваше во емисија на националната албанска телевизија TVSH со новинарот Енкел Дема каде јасно посочи дека не може да почитува национална химна која не била гласана од Албанците.
-Лично Вие се немате сликано никогаш со македонското знаме. Јас вчера пребарав на интернет и не ве видов ниту на едно место со македонско знаме, вели новинарот.
-Вистина е. Јавно имам кажано. Има една причина, не сум се сликал никогаш исто како што никогаш не сум станал на нозе за македонската химна. Затоа што, споменав и во еден момент на почетокот на емисијата, не знам дали забележавте, Македонија ја прогласи својата независност врз база на анексирање на правата на една третина од жителите. Како да почитувам една национална химна која Албанците не ја гласале, првиот албански парламентарен состав од 1992 година не го гласаше овој Устав, не го гласаше ниту знамето, ниту химната, одговара Села.
Дополнително, пред само неколку дена коалициониот партнер на Заев истакна дека не постои македонскиот народ, односно дека македонскиот идентитет не постои, а пред 100 години не постоел ниту македонскиот народ.
-Историската реалност на Македонија ја знае целиот свет и е многу апсурдно за еден народ што го нема својот идентитет, во конкретниот случај се Македонците, Албанците биле многу коректнин и им помагале да го градат тој идентитет и сега вие го оспорувате нашиот идентитет. Со пописот од пред 100 години не постои македонски народ, вели Зијадин Села во скандалозната изјава.
Против интересите на Македонија и македонскиот народ, Заев одеше уште пред изборите каде при своите настапи во телевизиските гостувања и при неговата посета во Берн, Швајцарија говореше за кантонизација и федерализација, промена на Уставот на Република Македонија.
Тој јавно се обврза дека повторно ќе го отвора Уставот. Прашан дали имаат намера да го сменат Уставот ако сакаат тоа да биде граѓански, Заев одговори дека не исклучува оти тоа ќе се случи.
-Ние одиме со граѓански концепт. Со соодветно време кога ќе дојде потребата прагматично за таа работа тоа ќе се случи, рече Заев.
Пред албанската дијаспора во Берн, Заев имаше низа скандалозни и антимакедонски изјави, меѓу кои вели дека мора да се направи поголема децентрализација и да се создадат региони.
Ваквите ставови на Зоран Заев само се надополнуваат со Тиранската платформа која е прифатена од СДСМ и за чии барања граѓаните не го дадоа гласот на избори.
Заев и СДСМ, како што и портаролот на ДУИ Бујар Османи, самиот истакна и потврди, прифатиле промена за знамето, химната и националниот грб, двојазични банкноти, воведување на двојазични униформи на службените лица, како и казни до 5.000 евра за неупотреба на албанскиот јазик. Во јавноста веќе е познато дека на Села му пречи се што е македонско и останува на ставот дека потребна е промена на македонското знаме и химна.