Артефакти од престолнината на Пајонија!

Во овој натпис ви претставуваме повеќе информации од научи истражувања и избор фотографии на артефакти пронајдени последниве години на локалитетот Градиште – Славков дол до селото Кнежје во Овче Поле, каде што археолозите претпоставуваат дека се наоѓала престолнината на Пајонија / Пеонија – Билазора / Била Зора / Бела Зора.Древниот Пајонски град Бела Зора (Билазора, Bylazora) со децении ги предизвикува археолозите и историчарите. Споменат од античките историчари Полибиј и Тит Ливиј, се памети како еден од најголемите градови на Пајонија, кој бил на север, од источната страна на Аксиј, со површина од скоро 20 хектари и имал улога на главен град во Пајонската држава.
Повеќето современи историчари долго време го поврзувале овој град со Вилазора кај Велес, иако локалитетот во близина на Велес е со многу мала површина (околу 3,5 хектари) за да соодветствува на древната Билазора – Бела Зора. Во 1974тата и 75тата година, д-р Иван Микулчиќ извршил теренски мерења и истражувања на платото на Градиштето кај селото Кнежје, кое се наоѓа во самата близина на градот на Свети Никола. Во неговата публикација Убикацијата на Билазора од 1976тата година, јасно ги разграничува разликите помеѓу античката населба во близината на Велес и таа кај Кнежје.
Имаме неми, но неоспорни потврди за постоењето на еден гигант кај Кнежје, со јасна физиономија на неговиот живот – неговата временска и културна припадност, неговата урбана замисла и значење во рамките на овчеполскиот регион и поширокото пеонско подрачје. Остатоците кај Кнежје среде едноличните пејсажи делуваат неочекувано и дури нестварно. Бедемите како да не ги насипала човечката рака, а големината на градот го надвладува и бескрајот на рамницата. Затоа, ако ги споредиме овие остатоци со она што го знаеме за Билазора, престанува секоја потреба Билазора и натаму фиктивно да ја убицираме “некаде кај Велес”.
види – Убикација на Билазора (1976та година)

Најголемата должина на Градиштето кај селото Кнежје е 665 метри, а ширината 360 метри. Во 70тите години на минатиот век ова било најголема позната населба од предримско време на територијата на Република Македонија. Истражувањата на д-р Микулчиќ продолжиле во 80тите години, и со пронајдените архитектонски и керамички докази само ја потврдил претпоставката дека во близината на Кнежје се крие древниот град Билазора / Била Зора / Бела Зора.
На локалитетот селаните од село Кнежје имаат откопувано обработен камен, питоси, камени авани, монети и други предмети. По селските куќи во Кнежје има голем број на раноантички питоси и големи камени авани, рачни мелници, корита и предмети што се чуваат по селските дворови и во визбите. Исто така, голем број на обработени камени блокови вградени се во селските куќи, чешмите во селото, црквата и во црковната ограда. Уште во бившата држава, во Музејот во Скопје се чувале група наоди од овој локалитет. Според кажувањето на наоѓачот тие биле најдени во еден помал питос, ископан на работ на источната поројна бразда, близу до југоисточната периферија на населбата. Бил закопан плитко под денешната површина на почвата. Во него се најдени шест железни предмети и пет керамички садови.
Според кажувањето на еден доктор со потекло од селото Кнежје, во близина на денешната источна поројна бразда на Градиште, татко му орајќи ја нивата има откопано питос. Во него се најдени помали глинени садови, човечки костур во исправена положба и неколку монети. На Градиште најдени се мноштво монети, меѓу нив сребрени монети ковани во Дамастион, сребрена монета со ликот на Филип Петти, бронзени монети со македонски штит и ликот на Персеј и сл. Бела Зора била утврдена со гигантски бедем, чии контури и денес се препознаваат. Бедемот бил насипан со глина и камен. Од надворешната страна се протегала линија на камениот ѕид. Овој ѕид имал надворешна страна од делкани камени блокови – квадери, а внатрешноста (јадрото) на ѕидот била натрупана од ситен камен и глина. Според кажувањата на домородното население, ѕидовите биле широки скоро 3 метри. Од јужната страна бил прокопан ров за одбрана.

Во 1994 година, во овој реон се вршеле ископувања на песок и земја, при што биле откриени остатоци од голема, добро градена подземна структура, која што понекогаш е нарекувана гроб, резервоар, заштитена цистерна и/ли ритуална бања. Записите со сведоштва од жители на селото Кнежје, дел од кои се веќе починати, потврдуваат дека при откривањето на овој објект било наидено на некаков “метален предмет во вид на плоча со чудно писмо, ѕвезда, сонце и месечина”, кој бил повторно затрупан.
Во 2007ма година започнува соработката помеѓу Народниот Музеј на Свети Николе и Тексашката Фондација за археолошки и историски истражувања. Оваа фондација е основана во САД во 1985та година и заедно со повеќе професори, студенти и волонтери истражувала во повеќе земји, меѓу кои и Македонија. Во годините кога истражувале во Овче Поле, овозможиле над 150 професори, студенти и волонтери од 21 различна држава да истражуваат на локалитетот каде што и самите потврдуваат дека се наоѓал главниот град на Пајонците – Бела Зора. Публикациите и извештаите за нивната работа ги има на официјалната веб – страна www.tfahr.org, а видеа со презентации и детални објаснувања можат да се погледнат и на нивниот YouTube канал.
Пронајдените артефакти се наоѓаат во Народниот Музеј на Свети Николе. Во меѓувреме, неофицијално се знаело дека на локалитетот се користи тешка механизација, а некаква “метална плоча голема околу А4 формат” од овој локалитет беше дел и од случајот “Фаланга 2”. Фондацијата од Тексас е присутна во Овче Поле сè до 2013та година, а од 2014та работите на локалитетот кај Кнежје во целост ги превзема Музејот на Свети Николе, поддржан од Министерството за култура и Управата за заштита на културното наследство. За време на соработката со американската Фондација, се откриени голем број на керамички артефакти, метален клуч, игли – фибули, врвови од стрели, разни бронзени предмети, питоси, претходно споменатиот базен е заштитен со кров, а на врвот од платото се отворени неколку сектори. Според артефактите кои пред неколку години беа презентирани во Народниот Музеј во Свети Николе, извештаите на Фондацијата од Тексас и интервјуата и написите во весниците од тие години, дознаваме дека на Градиштето кај Кнежје овие истражувачи пронашле само една монета, која била многу оштетена.
Најголемо внимание привлекоа акрополата, древните мозаици, како и столбовите и капителите. Еден од капителите не соодветсвува на ништо слично пронајдено на територијата на Република Македонија. За време на истражувањата, најдлабоката сонда открила и керамика од железното време, датирана околу 6,000 години пред нашата ера. Детално се испитани и проверени во лабораторија и јагленот и остатоците од разни растенија. Со голо око може да се забележи опожарениот слој под земја. Локалитетот има потврден континуитет од седмиот до вториот век пред нашата ера, кога главниот град на Пајонците исчезнува од историските извори.
Древниот Пајонски град Бела Зора (Билазора, Bylazora) со децении ги предизвикува археолозите и историчарите. Споменат од античките историчари Полиб

Пронајдете не на следниве мрежи: