Авторката на бестселерот „Елиза на единаесет години“ – гостинка на „Букстар“ 2016

7 ноември 2016, Скопје – Организацискиот тим на Фестивалот на европската книжевност „BookStar“ со големо задоволство го најавува гостувањето на романската писателка Дојна Рушти. Утре, 8 ноември 2016 година, со почеток во 20 часот, во Јавна соба ќе биде промовиран нејзиниот роман „Елиза на единаесет години“, издание на „Антолог“, кој на македонски јазик го приопшти Александра Каитозис. Преводот е објавен со поддршка на Романскиот културен институт од Букурешт. 
Романот е добитник на наградата „Јон Креанга“ од страна на Романската академија во 2009 година и во моментов според него се снима филм. Ќе го промовира писателот и литературен критичар Ермис Лафазановски. По промоцијата следува журка со ДЏ сет на Теа Шалдева, една од најпознатите диџејки на македонската клупска сцена.
Во едно село во близината на Букурешт, доаѓа до вистинска хистерија во моментот кога жителите дознаваат дека Елиза (девојче на 11-годишна возраст) има сифилис. Во текот на обелоденувањето на други случаи на сифилис, девојчето е обвинето дека го заразило, ни повеќе ни помалку, целото село. Постепено, медиумите, властите, родителите и обичните граѓани бараат Елиза да биде казнета, со што таа станува главен општествен непријател. Намуртена и самостојна, Елиза го покажува својот цврст карактер, однесувајќи се како зрел човек.
Во Италија книгата ја споредуваат со „Чума“ на Албер Ками. Според оцените на критиката, ова е „роман полн со мистерија со неочекуван крај“. Заснован на вистинска приказна, романот претставува еден вид „рендгенска снимка“ на модерното општество.
Дојна Рушти (1957) е eдна од најпознатите писателки од Романија. Своите дела почнува да ги објавува по падот на комунизмот. Авторка е на осум книги и на голем број раскази, вклучени во разни антологии. Во своите дела пристапува кон фантастични теми сместени во реален контекст. Добитничка е на еминентни награди во својата родна земја. Преведена е на 10 јазици. Живее во Букурешт, каде работи како професор и филмски сценарист. Освен во родната земја, одржала предавања и на универзитети во Будимпешта, Торино, Рим, Лајпциг и многу други места. Во Македонија доаѓа во придружба на својот сопруг.
Читателите ќе имаат поголема можност да ја запознаат авторката одблиску и дента на 8 ноември во Книжевниот центар „Антолог“, во периодот од 11 до 12 часот, кога ќе се одржи Книжевното кафе, на кое таа ќе потпишува книги и со кафе и колачиња ќе ја запознае својата публика во Македонија.
Фестивалот „BookStar“ е поддржан од Европската Унија, Министерството за култура на Република Македонија, Амбасадите на Кралството Холандија и на Република Полска. Логистичката поддршка е на Јавна соба. 
Ве очекуваме во светот на уметноста од 24 октомври до 11 ноември.
Следете нè на:
Facebook
Twitter
Instagram
Youtube
  
Романот е добитник на наградата „Јон Креанга“ од страна на Романската академија во 2009 година и во моментов според него

Пронајдете не на следниве мрежи: