Издавачката куќа „Антолог“ од Скопје со големо задоволство објавува дека специјалниот гостин на годинашниот Саем на книгата во Скопје ќе биде Гилјермо Мартинес, најпреведуваниот аргентински писател на XXI век и еден од најчитаните аргентински писатели во моментов, познат како автор на Оксфордски убиства, роман што беше вистинска сензација во Аргентина, Шпанија, Велика Британија, САД, и според кој беше снимен истоимениот холивудски хит со Џон Харт и со Илајџа Вуд во главните улоги.„Антолог“ досега има објавено четири од книгите на овој писател со исклучителен прием од страна на читателите. Повод за оваа посета е токму огромниот интерес за делата на Мартинес, но и новообјавениот мистичен трилер Бавната смрт на Лусијана Б., во превод на Огнена Никуљски. Промоцијата на книгата и средбата со авторот ќе се одржат на 14 април, со почеток во 17 часот, на штандот на „Антолог“ во Метрополис арена.
– Огромна е радоста што во Скопје и во Македонија го доведуваме Гилјермо Мартинес, чии книги се дел од нашата преводна програма уште од самите почетоци. Лично ќе ми се оствари можеби најголемата книжевна желба, бидејќи за мене Мартинес е една од најинтересните појави, со интригантен стил што е достапен секому, но со толку напластени слоеви што може да му позавидат сите книжевни мајстори. Воодушевувачкиот кус роман Жената на маестрото го објавивме во 2009 година. Неговиот успех нè поттикна да го преведеме и За Родерер следната година. Во 2013 година се појави и преводот на Оксфордски убиства, кој со години е меѓу најпродаваните наслови на скопскиот Саем на книгата. Годинава пред читателите се најде и Бавната смрт на Лусијана Б., кој очекуваме во најмала рака да ја повтори читаноста на Оксфордски убиства. Но, освен книгата, овој пат македонските читатели ќе имаат можност да се сретнат лично со авторот, на чие гостување работевме веќе неколку години – вели Жарко Кујунџиски, главен уредник во „Антолог“.
Гилјермо Мартинес (Guillermo Martínez) е роден во 1962 година во Баија Бланка, град во покраината Буенос Аирес. Почнал да пишува под влијание на татко му Хулио Мартинес, агроном, фармер, шахист и страстен читател, кој одбивал да купи телевизор дома за да може младиот Гилјермо доволно време да поминува со книгите. Дипломирал математика во родниот град, а докторирал математичка логика во Буенос Аирес, по што заминал на постдокторски студии во Оксфорд, Британија. Со помош на стипендии и на грантови извесен период престојувал на писателски резиденции во Канада, Соединетите Американски Држави, Италија. Бил гостин професор на многу факултети во Европа, САД и во државите од Латинска Америка. Живее во Буенос Аирес со сопругата и со ќерката. Игра шах и тенис.
Автор е на десет книги, од кои половината се романи. Неговата окупираност со математиката и со логиката се одразува во објавените книги есеи Борхес и математиката (2003), Формула за бесмртност (2005), Годел за секого (2009). Автор е и на збирките раскази Големиот пекол (1989) и Одбивна среќа (2013), за која ја добил наградата „Габриел Гарсија Маркес“ во 2014 година, едно од многуте високи книжевни признанија во неговата биографија. Неговите дела се инспирирани од: Борхес, Хенри Џејмс, Кафка, Томас Ман, Гомбрович, Казанова, Дарел, Толстој. Преведен е на 40 јазици.
Ова ќе биде прво гостување на еминентниот аргентински писател во Република Македонија. И покрај кусиот престој, тој инсистира на туристичко разгледување на главниот град.
Секој ден нова приказна
Покрај оваа промоција, од „Антолог“ за годинашниот Саем на книгата најавуваат богата, речиси фестивалска програма, со која ќе се одбележи и 17-годишнината од постоењето.
– Од лани досега на своите читатели им нудиме 100 нови наслови и големи попусти од 10 до 70 проценти. Под мотото „Читај, патувај, уживај!“, секој саемски ден испишуваме различна приказна на нашиот штанд. Најавуваме промоции и гостувања на автори и многу изненадувања и подароци за сите што ќе нè посетат и ќе ги збогатат своите библиотеки со некој од нашите наслови – додаваат од ова книгоиздавателство.
„Антолог“ започнува и нов проект, во кој ги охрабрува читателите да напишат песна или расказ инспирирани од некоја поранешна случка и да ги остават во специјалната Кутија на спомени на штандот или да ги испратат на адресата [email protected]. Најинтересните творби ќе бидат објавени во електронското списание за култура и уметност „Репер“ (www.reper.net.mk).„Антолог“ досега има објавено четири од книгите на овој писател со исклучителен прием од страна на читателите. Повод за оваа посета е т