Банките полни со пари, кредитирањето се намалува

Банките се полни со пари, ликвидноста на системот бележи раст, а кредитирањето се намалува. Последниот сет макроекономски показатели на Народната банка ги отслика состојбите во домашната економија, пишува Лидер.Иако падот на кредитирањето во првиот месец од годинава не е невообичаен, евидентна е резервираноста на бизнисмените да влезат во нови инвестиции.
-Компаниите секогаш се во исчекување и тактизираат кога станува збор за новите инвестиции. Очекуваме дека политичката криза наскоро ќе заврши за да можеме заедно и здружено да ја креираме новата економска политика, вели првиот човек на Бизнис – конфедерацијата на Македонија, Миле Бошков.
„Политичката стабилност е предуслов за економската стабилност, за овозможување економски раст, кој во време на политичка криза беше тешко да се постигне, бидејќи компаниите ги замрзнаа вработувањата и планираните инвестиции“ – објасни претседателката на ССК, Данела Арсовска.
Податоците на Централната банка покажуваат дека вкупните кредити во јануари оствариле месечен пад од 1,6%, наспроти растот од 2,9% во претходниот месец.
„Намалувањето на вкупните кредити во првиот месец од годината, слично како и во претходните две години, во целост произлегува од пониското ниво на одобрени кредити на претпријатијата, додека кредитите на домаќинствата имаа позитивен придонес. На годишна основа, вкупните кредити се повисоки за 0,6%, остварување коешто е под проектираниот раст од 1,9% за првиот квартал од годината, согласно со октомвриската проекција“ – објаснува НБРМ.
Во исто време, расте учеството на сомнителните и спорните побарувања во вкупните кредити во споредба со претходниот месец, од 6,4% на 6,6%.
„Во континуитет се потенцира дека е потребна што побрза разрешница на политичката криза, бидејќи стопанството и приватниот сектор не можат да функционираат во услови на нестабилност и на несигурност, потребна е одредена предвидливост и извесност“ – вели извршниот директор на Сојузот на стопански комори, Митко Алексов.
Банкарскиот систем е стабилен
Во услови кога кредитирањето бележи пад, ликвидноста на банкарскиот систем е зголемена. Растот е резултат на креирањето ликвидност преку трансакциите на државата, како и поради намалувањето на расположливите депозити на банките кај НБРМ.
Во исто време, во јануари е регистрирано значително забавување на месечниот раст на вкупните депозити, 0,9% од претходните 4,3%. Забавувањето е повторно предизвикано од депозитите на корпоративниот сектор. Се намалуваат депозитите во домашна валута, растат во странска валута.
„На годишна основа, вкупните депозити во јануари се повисоки за 6,8%, што е над проектираниот раст од 3,8% за првиот квартал на 2017 година“ – објаснува НБРМ.
Искористеноста на депозитниот потенцијал за кредитирање на приватниот сектор, мерена преку соодносот на кредити и депозити, во јануари изнесува 86,9%, што е пониско остварување во споредба со очекувањата за првиот квартал на 2017 согласно со октомвриската проекција.
Се анализираат состојбите во економијата
Народната банка соопшти дека е сè уште рано да се оцени состојбата на економијата во првиот квартал од годината, бидејќи се оперира со ограничен број податоци. Дополнителен проблем е фактот што политичката криза ја зголемува неизвесноста.
„Домашните неекономски фактори поврзани со политичките случувања во земјата и понатаму се актуелни и дополнително ја зголемуваат неизвесноста околу оцените за економската активност во првиот квартал“ – соопштува НБРМ.
Ваквите оценки на Банката се на иста линија со тврдењата на домашните бизнисмени, според кои, политичките случувања не дозволуваат целосно искористување на потенцијалот на нашето стопанство.
„Ако не беше кризата ќе постигневме многу поголеми профити и поголем раст на БДП“ – вели претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески.
Македонија и во време на повеќегодишна политичка криза успеа да забележи раст на БДП. Лани беше остварена позитива од 2,4%. Проекциите за растот на македонската економија годинава се движат од 3% на Владата, 3,2% на Европската комисија, 3,3% на Светска банка, па сè до најоптимистичките прогнози за раст на БДП од 3,5% на Народната банка и на ММФ.
„Очекувањата за 2017 година се да имаме економски раст од 3%. Сепак, проекциите ги даваме со претпазливост, бидејќи ризик факторите сè уште се присутни и можат да влијаат на севкупниот економски раст“ – вели Арсовска од ССК.
Инвестициите во инфраструктура, странските директни инвестиции и зголемениот извоз се очекува да бидат главни носители на растот.
„Слободните економски зони ќе бидат генератор на економскиот раст, особено преку синергијата од соработката со локалните компании и добавувачи. Инвестициите и извозот ќе продолжат да се зголемуваат на среден рок“ – оцени „Стандард и Пурс“.
Според Институтот за економски истражувања и политики „Finance Think“, можни се три сценарија за движењата во домашната економија.
Според првото, ако се најде компромис за формирање нова влада, но која ќе биде нестабилна, тоа ќе значи понатамошно присуство на низвесноста и несигурноста на приватниот сектор, воздржаност од инвестициски и развојни активности. Сепак, негативните ефекти благо би се намалиле, па растот би изнесувал 3,1%.
Второто сценарио е формирањето на нова влада да се пролонгира до есен, па проекцијата за растот на БДП при ваков развој на настаните е 2,3%.
Третото сценарио е да се најде решение за формирање стабилна влада што ќе значи нормализирање на економските текови и расчистување на неизвесноста, па растот на БДП би се движел од 3,1% до 3,5%.Иако падот на кредитирањето во првиот месец од годинава не е невообичаен, евидентна е резервираноста на бизнисмените да влезат во нови инвестиции.

Пронајдете не на следниве мрежи: