Раководството на СДСМ, политичката акција и дејствувањето без компас, без политички фокус и идеја, ја префрла на ново ниво, ниво на религиозни обреди и ритуали. Ќе бдееле пред Уставниот суд за спас на Уставот и на македонскиот уставен поредок. Да не им се верува на ушите што слушаат и на очите што гледаат.Партијата што две години најбрутално ги гази темелните вредности на уставниот поредок, партијата што секојдневно се мајтапи и прави шеги на сметка на човековите слободи и права на неколку илјадници македонски граѓани, партијата што во најбрутална форма ги подрива темелите на македонските уставни институции и што на секаков можен начин се зафркава со меѓународниот углед на државата, сега види, молим те, ќе бдеела демек за воскреснување на с` што досега погази и уништи. Бдеење по партиско сценарио. Ама пред да се случи фамозното бдеење, идејата им била прво малку да пробладаат пред од нив погазените политички институции, според редоследот по кој почна нивното рушење (Влада, Собрание, Уставен суд).
Kрајот на партиското бладање ќе се случи пред Уставниот суд каде што е замислено бладањето да се конвертира во ритуално бдеење. Не знам дали според партискиот протокол на масовно членско бдеење е предвидено да бидат повикани и свештени лица, ама ако не се повикани тоа треба најитно да го сторат за да ги задржат логиката на социјалдемократската верба во духовните, црковните и спиритуалните вредности и обреди. Македонската социјалдемократија во својата комплетна политичко-идеолошка дезориентираност и тотална замаеност започнува нов процес на промовирање на религиозните обреди за политички цели, па отсуството на свештени лица во процесот на бдеењето со кандило и крст ќе биде голем минус за целата партиска манифестација. Без кандила и крстови во рацете на партиските раководни структури ништо од партиското бдеење. Нема да фати. Kое лицемерство, која пародија.
На 15 март започнува завршната фаза на политичкото сценарио на СДСМ и на инсталациите на Сорос. Некако петнаесеткава како бројка им станува вистински знак за распознавање и вид партиско обележје. Според религиозната обоеност и обредниот карактер на фазата се поверојатно е дека крајот им се ближи. Се чини дека се сосема на крајот да издишат и да се трансформираат во зомби-партија. Бдеењето е партиска симболика на состојбата во која се наоѓа нивниот ум и нивниот дух. Наместо зрела акција и партиска програма со рационални и издржани решенија, СДСМ им нуди на граѓаните зомби-политика. Наместо политички, економски и социјални идеи и визии за прогрес на државата и на граѓаните, СДСМ реши да нуди квазиуспенија, бесмислени политички псалми и надгробен политички живот. Наместо успех за државата и прогрес на општеството, СДСМ нуди политички очај, општествена и правна дезинтеграција, економска бездна. Наместо континуитет и развој, СДСМ нуди дисконтинуитет и хаос.
Насилното наметнување на СДСМ во македонскиот политички и правен систем има длабока психолошка димензија, а поврзано со внесување психолошки страв меѓу македонските граѓани дека оваа партија е многу силна и дека е незапирлива во борбата да дојде на власт по секоја цена и надвор од волјата на граѓаните. Таа психолошка состојба лесно се опишува како состојба во која се наоѓа човекот пред да умре. Болниот човек пред да се соочи со смртта одненадеж добива голема енергија која секогаш е лажна, но сепак му дава кураж дека чуда можат да се случат. Човекот влегува во надеж на оздравување и продолжување со животот. Иако таа енергија трае релативно кратко, човекот остава впечаток дека е подобро и дека може нормално да функционира. За жал, поблиското семејство ја знае вистината. Знае дека тоа е последната сила на душата која многу брзо ќе исчезне по што следува вистинскиот крај.
Така е и со раководството на СДСМ. И тоа е свесно дека политичкиот крај им е многу блиску поради што со последните атоми енергија, претсмртно, одлучуваат да се приклучат кон процес што и самите се свесни дека нема никаква здраворазумна логика. Но, тоа е последната енергија на ова раководство. По нејзиното канализирање во ритуалното бдеење природно ќе замине во историјата како испуштена душа. Мора да се издржи и оваа игра на целосно колабираното раководство на СДСМ. Не треба да се падне на нивните последни провокации. Треба мирно и достоинствено да се испрати душата на покојникот.
Цела Европа се соочува со невидени притисоци врз работата на уставните судови. Но, за разлика од другите земји, како, на пример, Полска, Словачка, Турција, каде што уставните судови се под силни и невидени притисоци на власта, кај нас имаме обратен тренд. Kај нас опозицијата се обидува да наметне игра на уставна криза која треба да доведе до некакви брзи политички промени во нејзина корист. Најновите случувања во Полска упатуваат на заклучокот дека политиката навистина може сериозно и драматично да ги комплицира уставните позиции на државните органи ако не се води сметка за соодветната примена на принципот на владеење на правото и принципот на меѓуинституционалната тежа и рамнотежа во политичкиот систем. Новата влада на Полска направи сериозни промени во функционирањето на Уставниот трибунал, кои токму овој орган ги прогласи за неуставни. Од друга страна, пак како реакција на донесената одлука на Трибуналот, владата на Полска одлучи да не ги признае одлуките на Уставниот трибунал. Согласно со новите правила, се одлучи да се зголеми бројот на уставните судии во работата и во одлучувањето на Трибуналот.
Имено, со доаѓањето на власт на полската Партија за право и правда во октомври минатата година се донесоа неколку амандмани на Законот за Уставниот трибунал кои предвидоа два нови кумулативни услова: првиот услов е да се обезбеди 2/3 мнозинство од вкупно 15 судии за да може Трибуналот да работи и да одлучува и вториот услов е нов кворум за работа и за одлучување. Имено, од вкупно 15 уставни судии, во полскиот случај, неопходно е да присуствуваат 13 судии за донесените одлуки да бидат валидни. Владата на Полска ги правдаше овие амандмани со потребата да се направи потребна политичка рамнотежа во Трибуналот по нивното доаѓање на власт. С` погласните критичари на овие промени велат дека со законските измени практично се парализира работата на Трибуналот и дека новите правила значат намерна политичка блокада во функционирањето на овој орган. Од друга страна, драматичното лимитирање на капацитетот на Судот да функционира независно и самостојно оди директно на штета на полскиот демократски политички систем што не може да биде толерирано како нормална состојба имајќи предвид дека Полска е земја-членка на ЕУ.
Токму поради ваквите и слични примери на политички притисоци врз работата на уставните судии, Венециската комисија на својата последна пленарна сесија минатата недела донесе одлука да подготви декларација за поддршка на работата на уставните судови и за поддршка на уставната демократија во земјите-членки на Советот на Европа. Декларацијата има цел силно да ги гарантира независноста и самостојноста на уставните судови како органи задолжени да бидат чувари на Уставот и на уставноста во земјите од вакви и слични напади. Многу уставни судови во Европа поминуваат низ сериозни политички предизвици. Очигледно е дека и тие не се имуни од валканите политички интереси и игри.
И македонскиот Уставен суд ќе мора да го преброди овој политички притисок од СДСМ. Ќе мора цврсто и достоинствено, професионално и чесно да го брани својот авторитет и углед без разлика на видот и формата на притисоците со кои се соочува денес или ќе се соочува утре. Тој мора да остане чувар и бедем на уставната демократија во земјата и на човековите слободи и права на секој македонски граѓанин…
Тања Каракамишева-Јовановска за КурирПартијата што две години најбрутално ги гази темелните вредности на уставниот поредок, партијата што секојдневно се мајтапи и прави шеги на сметка