Зимување во Австрија за половина цена од реалната, заштеда од 100 евра на викенд во Банско, василичарски викенд во Вевчани за 30 евра наместо за 50, се само дел од многуте понуди за патувања кои може да се најдат на интернет-страниците за групни попусти.Иако звучат многу примамливо, граѓаните мора да се особено внимателни кога купуваат ваучери за вакви аранжмани за да не бидат измамени и да останат со кратки ракави. Односно преку интернет да уплаќаат патувања само преку оние страници што поседуваат лиценца за продажба на туристички аранжмани, советуваат во Организацијата на потрошувачи на Македонија (ОПМ).
Интернет-страниците за групни попусти стана многу популарни последниве две-три години. Понудата за патувања е особено богата за време на празници, но и во текот на зимските и на летните одмори кога може да се начекаат попусти и до 90 отсто. Сепак, во ОПМ предупредуваат граѓаните да не се залетуваат и да уплаќаат од прва, без да проверат кој и како го продава аранжманот. Од таму велат дека при купувањето ваучер за патување преку интернет граѓаните задолжително треба да побараат да потпишат и договор со условите за патување.
„По купувањето на ваучерот, лицето мора да инсистира да потпише договор, без разлика дали аранжманот се продава директно преку интернет-страница или таа е само посредник. Само така граѓаните може да ги остварат своите права и да бараат отштета ако патувањето тргне наопаку. Законски сите што продаваат туристички аранжмани мора да имаат и лиценца“ – велат во ОПМ.
Од таму објаснуваат дека доколку некој се сомнева оти некоја интернет-страница продава патување, а нема лиценца, треба да пријави во Државниот пазарен инспекторат. Доколку, пак, веќе купил ваучер, да бара да потпише договор.
Во Пазарната инспекција велат дека не сите интернет-страници што нудат попусти имаат лиценци за продажба на туристички аранжмани.
„Некои од нив имаат лиценци, но сигурно има и такви што не ги поседуваат. Според законот, сите што продаваат аранжмани за патувања и за сместувања во хотели мора да се лиценцирани за тоа, макар и да се само посредници при продажбата“ – вели Виктор Дерменџиев, директор на Државниот пазарен инспекторат.
Kонтролите на пазарните инспектори покажале дека до пред неколку години повеќето интернет-страници за попусти немале лиценци за продажба на туристички услуги. Но, по укажувањата на Инспекторатот, работата полека се средува.
„Не значи дека денес сите се лиценцирани. Но, нашите инспектори постојано се на терен и вршат контрола. Апелирам граѓаните да пријават кај нас доколку се сретнат со вакво нешто“ – вели Дерменџиев.
На една од најпопуларните интернет-страници за групни попусти во земјава, „Групер.мк“, може да се забележи дека понудените патувања се дел од најпопуларните зделки.
„По препорака на Пазарната инспекција имаме лиценца А од поодамна и на тој начин кај нас се одвива продажбата на аранжманите“ – вели Нина Ангеловска од „Групер“.
Во туристичките агенции благонаклоно гледаат кон лиценцираните интернет-страници, со кои и понекогаш соработуваат, но потенцираат дека проблем им се нелиценцираните од кои трпат штета. Ангел Иванов, сопственик на туристичката агенција „Адријатик Маврово“, вели дека досега соработувал со неколку страници што нудат групни попусти и кои се лиценцирани за продажба на аранжмани и кои на купувачите им нуделе договори.
„Но, не се сите такви. Некои продаваат аранжмани на своја рака, во директен договор со хотелите. Ние за секоја ставка и за најкратко патување потпишуваме договор. Ако има некој проблем, се знае кој ја сноси одговорноста. А кај ваквата продажба, каде што граѓанинот само купил ваучер и не го добил тоа за што платил, на кого да се жали? Тогаш сите креваат раце“ – вели Иванов.
Според него, нелегалната продажба на аранжмани преку интернет го намалува прометот на агенциите за 30 отсто. Иванов вели дека воопшто не е против електронската трговија и во туристичката дејност, но потенцира дека државата мора да постави јасни правила на игра.
„Државата не треба да чека да се случат десетина проблематични ситуации, па да реагира. Треба од почеток да ги расчисти работите, да се знае кој нуди, продава и кој одговара за евентуалните проблеми“ – смета Иванов.
Извор: Дневник
Иако звучат многу примамливо, граѓаните мора да се особено внимателни кога купуваат ваучери за вакви аранжмани за да не бидат измамени и да останат