Она што е интересно во случајов е што ние сме имале градови 300 до 400 години пред да дојдат Римјаните. Ние сме имале цивилизација во 5 и 4 век пр.н.е., а овој град Билазора е дел од таа цивилизација, вели Виктор Лилчиќ-АдамсПродолжуваат истражувањата на раноантичкиот град Билазора, сместен во Овчеполието кај село Кнежје, Свети Николе. Тој несомнено е најголемиот и најзначаен град на Пајонците, а годинава интензивно се истражува главниот, најрепрезентативниот и најмонументалниот објект на градот, Владетелската палата, со чии резултати треба да се комплетира мозаичната приказна и да се задоволи љубопитноста на археолозите и на историчарите.
Идентификацијата на овој локалитет првпат почнува во 1976 година од проф.д-р Иван Микулчиќ. Долги години потоа бил запоставен, а некаде пред десетина години американскиот истражувач Вилијам Хајдингер и Јула Метју од Фондацијата за археолошки и историски истражувања од Хјустон ги регистрираат првите елементи на палатата.
Потоа, во 2013 година на мегдан излегува професорот Драги Митревски, кој почна да ја открива приказната од раната антика, кога овој град бликал од живот, можеби бил и главен град на античките Пајонци.
Раководителот на истражувањата проф. Драги Митревски и директорот на Управата за заштита на културното наследство, Виктор Лилчиќ-Адамс
Лесно достапен за туристи
Овој локалитет има потенцијал да биде и туристичка атракција, со распространетоста, со историската приказна што ја чува во себе, но и со лесната пристапност до самото место.
– Во Македонија ги имаме Скупи, Стоби, Хераклеја, но тоа се градови од римско време, Римјаните ја освоиле Македонија во 168 година пр.н.е. и ја претвориле во провинција. Но, она што е интересно во случајов со овој локалитет е што ние сме имале градови 300 до 400 години пред да дојдат Римјаните. Ние сме имале цивилизација во 5 и 4 век пр.н.е. А овој град Билазора е дел од таа цивилизација. Со ова треба посебно да се гордееме, а предвидувам и блескава иднина за ова место како археолошки локалитет – вели директорот на Управата за заштита на културното наследство, проф. Виктор Лилчиќ-Адамс.
Според него, голема предност е и тоа што се гради патот Штип – Скопје и поминува токму покрај локалитетот.
– Тоа ќе им олесни на домашните и на странските туристи да го посетат. Би требало да се овозможи да има и музеј или галерија на самиот локалитет, каде што ќе бидат изложени најубавите предмети. Исто така, се надевам на една преполна сувенирница, од каде што ќе може туристите да понесат со себе спомен дека го посетиле градот Билазора – вели тој.
фото:Дуле Јанев/ФотоКис
Повеќе од половина од палата е истражена
Раководителот на истражувањата, професорот Драги Митревски, вели дека од Владетелската палата се истражени околу 60 отсто, но оптимист е дека до крајот на годината ќе биде целосно откриена и ќе може да се вреднува максимално.
– Тоа значи дека на крајот од истражувањата преку карактерот на секоја просторија, стратиграфијата на просторот, начинот на страдање, начинот на уништувањето на објектот ќе се поврзе со историските моменти и од сите тие сегменти ќе ни се разјасни целата слика. Годинава се продолжува со истражувања кон запад и кон север. Се работи систематски, целиот простор е поделен во квадрати, тие што одат во правец на запад и север, ги работиме сега, иако објектот се шири и кон југ, таму сè уште немаме пристап бидејќи има нерешени имотно-правни односи – вели Митревски.
Во овој период Митревски, заедно со десетина помлади археолози, интензивно работи на истражувањата на споменатите два правци од Владетелската палата, каде што и откриваат нови простории, во кои се открива инвентарот кој дополнително им отвора нова приказна.
– Начинот на кој се наоѓа тој инвентар, во рушевинските слоеви, на подовите, во покривната конструкција на градбата, ни кажува за каков вид просторија станува збор. Парче по парче го спојуваме мозаикот. Инвентарот што го наоѓаме ни дава податок дека објектот не бил наеднаш срушен, за да ги изненади луѓето и да остават сè. Се подготвувале за таа катастрофа што ги снашла, веројатно била најавувана и тие ја очекувале. Она што било повредно е тргнато – раскажува професорот.
Келтите напаѓале до целосно уништување на објектот
Според него, објектот настрадал во страшен пожар, јужната половина е опожарена целосно, а северната не е толку многу, што укажува на фактот дека некој со стрели го опожарил објектот од јужната страна. Врвовите од тие стрели археолозите истражувачи ги наоѓаат во покривната конструкција меѓу ќерамидите, а имаат најдено стотици од нив.
– Подовите се изгорени, иако наоѓаме доста наоди, не е она изворното што би го имало кога бил во употреба целиот објект. Што ни укажува на тоа дека ги тргнале вредните работи. Но, инвентар како кршливи садови, монета, парче накит што ним не им биле толку важни и ги оставиле, сега ние ги откриваме. Пронајдовме монети на Александар Трети и на Леон, локалниот владетел, со што заклучивме дека рушењето го предизвикале Келтите. Тие успеале во целосното рушење на палатата. Потоа целиот град е со помала економска моќ, па само живурка до последните децении на 3 век кога повторно тука, според историските извори, Филип Петти ја користи палатата за стационирање на својата војска. Остатоците, пак, од неговата касарна, сега ги откриваме, врз остатоците од палатата. Тие се моментите на кои овие две недели обрнуваме посебно внимание, што ќе ни ја склопат целата приказна – вели Митревски.
Истражувањата на Билазора се капитален проект на Владата на РМ, реализиран преку Министерството за култура и Управата за заштита на културно наследство во оваа соработка со локалната самоуправа на Свети Николе, Народниот музеј во Свети Николе и Филозофскиот факултет во Скопје.
Археолошки локалитет Билазора, општина Свети Николе – FOTO KISS Production from Foto Kiss on Vimeo.
Преземено од: Телеграф.рсПродолжуваат истражувањата на раноантичкиот град Билазора, сместен во Овчеполието кај село Кнежје, Свети Николе. Тој несомнено е најголем