Во иднина не исклучувам незаконски ангажман на партиски војници кои се распоредени во единицата „Алфи“ и да посочам на опасноста и ризиците по функционирањето на македонската полиција преку 140-те партиски војници кои се незаконски распоредени, од првиот до последниот, вели директорот на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков во интервју за Република.Република: Да расчистиме околу ноќта кога СЈО изврши упад во МВР, поточно во зградата на УБК. Што точно бараше Катица Јанева? Дали бараше конкретни информации во врска со прислушуваните разговори кои ѝ ги предаде Зоран Заев или инсистираше да ѝ бидат дадени сите снимки вклучувајќи ги и предметите што сѐ уште се во тек?
ЧАВКОВ: Сѐ до упадот на Катица Јанева во Управата за безбедност и контраразузнавање дента кога остана до доцна по полноќ се воздржував од коментирање на работата на Специјалното јавно обвинителство иако, како и за обичните граѓани, дотолку повеќе и за мене, беа очигледни нејзините постапки со кои оставаше впечаток на некомпетентност, субјективност и пристрасност во работењето. Со жалење морам да констатирам дека таквиот впечаток за мене не беше никакво изненадување, од самиот почеток, независно што беше избрана во Собранието со претходен потпис од лидерите на четирите политички партии, воопшто не бев оптимист дека таа со нејзиното искуство од обвинителство со надлежност за гонење полесни кривични дела ќе може да се носи со, можеби, најодговорната и најосетлива функција во периодот на политичка криза, функција која требаше да обезбеди и да гарантира објективно, непристрасно и темелно истражување на сите сомнежи што наводно произлегуваат од содржините на незаконски стекнатите разговори објавени од опозицијата.
Покрај многуте случаи на очигледно прејудицирање вина, настапот на Катица Јанева во МВР, за жал, беше само уште една од многуте постапки со кои, по не знам кој пат, потврди дека со нејзиниот личен и професионален интегритет не може да биде гаранција за објективно и непристрасно раководење со Специјалното јавно обвинителство.
Со нејзиниот настап во МВР за обезбедување документи и компјутерски податоци од УБК, иако со судска наредба, покажа незнаење и неподготвеност, со што направи огромна штета на Министерството за внатрешни работи и на Управата за безбедност и контраразузнавање, но, за жал, штета и на институцијата со која раководи. Никој во МВР не ја довел во прашање соработката со СЈО, никогаш немало опструкција за нејзините барања, напротив бројни се случаите кога на нејзините барања се одговарало на дневна основа со самото примање на барањето и тоа не може да го спори затоа што за тоа има факти. Театралниот упад во УБК беше последица на незнаење и неподготвеност за спроведување на судската наредба, незнаење за објективните и технички пречки за реализација на дел од судската наредба. Меѓутоа, врв на тенденциозноста, на несериозноста и неодговорното однесување беше формирањето комисија од Оливер Спасовски, која требаше, меѓу другото, да изврши влез во компјутерски систем и експортирање компјутерски податоци на надворешен носач на податоци, од уред кој не го администрира УБК и особено барањето за асистенција, кое само по себе е незаконско и врз основа на кое на незаконски начин и надвор од сите процедури беа ангажирани припадници на единицата „Алфи“, за што јавноста беше информирана. Со таквиот чин, губитници се СЈО, МВР и, во крајна линија, губитник е Република Македонија.
На крајот, кога сфатија дека навистина има објективни пречки за постапувањето за дел од наредбата, за да ги оправдаат своите неразумни постапки, одлучија да ја продолжат драмата со физичко присуство на претставници од СЈО и распоред за дежурство за неколку дена во просториите на Управата за безбедност и контраразузнавање. Но, морам да бидам објективен, веројатно кога ги увиде и сопствените грешки и за да ја амортизира оваа драма, Оливер Спасовски доцна ноќта, по два дена драма, се сретна во МВР со Катица Јанева и со нејзиниот тим, ги убеди дека е нецелисходно и непотребно нивното физичко присуство, за што даде изјава пред медиумите потенцирајќи дека е недоразбирање.
Република: Зошто ѝ требале разговори за кои не е надлежна и која е вистинската причина за упадот според Вас?
ЧАВКОВ: Сосема е друго прашањето што во судската наредба побарале да бидат опфатени и податоци од примена на посебни истражни мерки до 31.12.2015 година, период кој прво не е предмет на интерес на СЈО во согласност со надлежностите и, второ, податоци за мерки кои, всушност, се актуелни и траат во моментот. Кога им беше посочен тој факт, самите се откажаа од барање податоци за тој период, така што нивното ретерирање уште еднаш потврди дека се работи за елементарно незнаење, дека не биле подготвени или многу им се брзало, па направиле привид за тие околности или, пак, нивната намера беше да создадат перцепција во јавноста дека УБК ја опструира работата на СЈО.
Република: Дел од јавноста се сомнева дека меѓу разговорите до кои сакала да дојде Јанева се и тие што се поврзани со настаните кои претходеа на „Диво Насеље“. Дали судскиот налог ѝ обезбедува пристап и до чувствителни информации од ваков тип?
ЧАВКОВ: Не би сакал да прејудицирам зошто со наредбата побарала и податоци за примена на посебни истражни мерки и од актуелни случаи за организиран криминал и тероризам, односно дали воопшто имале некаква намера. Независно од тоа за што се работи, само направија штета на МВР и, особено, на СЈО како институција која е потребно до крај да го заврши својот мандат.
Република: Откриено ли е кој стои зад ангажирањето на поранешните припадници на „алфите“ и која била нивната задача? За што требало да ги искористат автоматските пушки?
ЧАВКОВ: Спомнав дека самото ангажирање на неколку тима од единицата „Алфи“, не само што е незаконски, туку во конкретниот случај е надвор од здравиот разум и опасно со можности за непредвидливи последици затоа што нивниот командант, до неодамна истражител во СЈО, барал да бидат вооружени со автоматски пушки. Со сигурност знаеме дека нивниот командант и началникот на СВР Скопје, исто така до неодамна истражител во СЈО, не само што биле во тек туку не нашле за целисходно да ме информираат мене како директор на Бирото за јавна безбедност. По мојата реакција кон началникот на СВР Скопје, истите така облечени со тренерки веднаш беа повлечени. За тоа, се разбира, ќе има одговорност, но морам да ја искористам оваа пригода за да ја информирам македонската јавност дека во иднина не исклучувам незаконски ангажман на партиски војници кои се распоредени во единицата „Алфи“ и да посочам на опасноста и ризиците по функционирањето на македонската полиција преку околу 140 партиски војници кои се распоредени незаконски, од првиот до последниот. За среќа, сепак, тоа е мала бројка наспроти околу 9.000 професионалци и каква штета и да направат, сепак имаме изградено институционални и системски капацитети кои оваа мала група партиски војници не можат да ги доведат во прашање. Сепак, морам да подвлечам дека самото незаконско распоредување и незаконитоста во нивното работење ќе остави длабоки лузни по системот, среќната околност се, ќе повторам, изградените системски капацитети кои многу пати се потврдени во минатото и сами по себе претставуваат брана пред тенденциите за грубо кршење на законски вградените стандарди.
Република:Колку беше сериозна ситуацијата таа ноќ? Колку фалеше работите да излезат од контрола?
ЧАВКОВ: Знаете дека имаше реакции за моето појавување во Управата за безбедност и контраразузнавање, се појавив затоа што беа инволвирани припадници на Бирото за јавна безбедност, особено припадници на дел од единицата „Алфи“ и мојата реакција за повлекување на специјалците во тренерки, кои во тој момент дејствуваа како параполиција, беше клучна во попречувањето на ескалацијата. Катица Јанева, наместо да ми биде благодарна за мојот придонес во намалувањето на тензиите кои тие ги предизвикаа, безобзирно ја лажеше јавноста дека има опструкции, а врвот на лагите беше нејзината изјава дека ме избркала од просториите на Управата за безбедност и контраразузнавање, што апсолутно не кореспондира со вистината, но и тоа зборува за нејзиниот личен и професионален интегритет. На крај граѓаните на Република Македонија ќе го донесат објективниот суд за постапките на сите нас како носители на одговорни функции.
Република:Во некои медиуми беа објавени информации дека неодамна е спречен обид за доставување локатор до еден од обвинетите во „Диво Насеље“ – уред кој подоцна, најверојатно, требало да се искористи при евентуален обид за нивно ослободување. Имате ли информации за ваков настан?
ЧАВКОВ: Со ова прашање ја допирате вистинската реалност за актуелни прашања во делот на националната безбедност на Република Македонија, но и прашања поврзани со регионалната безбедност. Обезбедувањето на оваа терористичка структура во затворите и за време на судските рочишта се посебен предизвик за безбедносните сили кои високо професионално, како и досега, се справуваат со различните предизвици поврзани со нивните намери за бегство како и со нивните очекувања за поддршка од надвор за реализирање на нивните цели – бегство од правдата. Многу пати досега како и при последното судење благовремено сме превенирале и откривале обиди за протурање мобилни апарати и сме пресретнувале намери за бегство. Но, и покрај силните удари на Министерството предизвикани со незаконските промени, како и со кршењето на процедурите и стандардите за работа, ја уверувам македонската јавност дека, како и досега, нема да дозволиме да ја вовлечат македонската полиција да се судри меѓу себе ниту да се судри со граѓаните, впрочем тоа веќе го докажавме со високо професионално однесување при обезбедувањето на таканаречената „Шарена револуција“ кога многу пати бевме понижувани и предизвикувани со цел да не вовлечат во сценарио на мала група луѓе кои ги злоупотребија мирните протести на повеќето.
Република:Може ли МВР да гарантира дека доказите против Заев и Верушевски во случајот „Пуч“ ќе бидат безбедни и по преземањето на документацијата и разговорите од СЈО, односно дека оригиналите нема да бидат обезвреднети и злоупотребени?
ЧАВКОВ: Изградените институционални капацитети сами по себе се гаранција дека доказите што се обезбедени на законит начин и со силен интегритет заснован на развиени современи стандарди за полициско работење, како и капацитетите на секторот за борба против компјутерски криминал и компјутерска форензика, ниту некој може да ги доведе во прашање ниту некој може да ги обезвредни. На експлицитен начин со научно фундирани методологии за работа, всушност, овозможуваат реконструкција на самиот почеток од агентурното и субверзивно дејствување на групата која ја предводел Верушевски при злоупотребата на системот за следење на комуникациите, за што, впрочем, има и правосилна пресуда како резултат на спогодување за вина.
Република:Една од целите на опозицијата е до 11 декември што е можно повеќе да ги дискредитира реформите спроведени во МВР во последните десет години за да ги оправда сите противзаконски дејствија на Спасовски со кои сериозно се загрозува работата на безбедносниот систем. Која е разликата меѓу МВР денес и МВР пред десет години?
ЧАВКОВ: За да ги објаснам разликите помеѓу МВР денес и МВР пред десет години, верувајте нема да бидат доволни неколку броја на вашиот неделник. Повеќе пати во спротивставувањето на грубите тенденции за дискредитација на Министерството, секогаш сум посочувал на меѓународните показатели и признанија за капацитетите и достигнувањата на Министерството. Нема повторно да ги набројувам, само ќе ги издвојам анкетите за довербата на граѓаните во полицијата кои во организација на ОБСЕ се спроведуваат на две години, како и неодамнешната анкета од една реномирана невладина организација, според кои, и покрај двегодишните интензивни обиди за дискредитација на Министерството, сепак речиси 60 проценти од граѓаните на Република Македонија имаат доверба во македонската полиција.
Република: Очекувате ли нови удари врз безбедносниот систем однатре, од структурите на СДСМ во МВР?
ЧАВКОВ: Секако дека очекувам, првите обиди за ескалација ги покажаа преку незаконското ангажирање на „алфите“, но и преку незаконските промени на сите нивоа воопшто, промените на дисциплинските комисии и многу други постапки кои укажуваат за нечесните намери. Но, уште еднаш ја уверувам македонската јавност дека силно ќе се спротивставам на таквите тенденции и особено ќе превенирам незаконско инволвирање на вградените партиски активисти со незаконските распоредувања, во изборниот процес за што имаме информации од сега.
Република: Вие сте еден од професионалците во МВР што се мета на силни напади од СЈО и од СДСМ. Ви најавија кривични пријави, а ја засилија и црната кампања против Вас. Ве загрижуваат ли нивните напади и закани?
ЧАВКОВ: Прво, воопшто не ме загрижуваат ни црни кампањи ни закани со кривични пријави, останувам силно фокусиран на одбраната на професионалните принципи во работењето на македонската полиција и жестоко ќе продолжиме да задаваме силни удари на полициско-криминалните врски кои невешто се затскриваат зад политиката. Многу такви примери на оркестрирани тенденции сум имал во мојата професионална кариера, но тие што работеле со мене или тие што ме познаваат, знаат дека нема сила што може да ме поколеба во напорите за разобличување на криминалните врски на криминалното подземје со припадници на полицијата, но и врските на криминалното подземје со политиката.
(Интервјуто со Митко Чавков е објавено во 217. број на неделникот Република, 28.10.2016)Република: Да расчистиме околу ноќта кога СЈО изврши упад во МВР, поточно во зграда&